Број 3190  сабота, 23 јануари 2010
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Магазин
Стил

Site Meter
Свет

Леогане - град на Хаити кој повеќе не постои

Само 18 километри од Порт-о-Пренс, уништен е цел град каде што загинаа 30.000 луѓе

ЛЕОГАНЕ - Епицентарот на вториот потрес кој минатата недела го погоди Хаити беше во Леогане, оддалечен на 18-ина километри од главниот град Порт-о-Пренс. По стравичните слики што го обиколија светот, трагедијата е продолжена со опустошувањето на Леогане, место во кое 95 проценти од градбите се урнати, а загинаа околу 30.000 луѓе. Некогаш тука живееја 100.000 луѓе, а сега неговиот центар е уништен до непрепознавање. Кабли висат на сите страни како пајакова мрежа, а илјадници мртви се наоѓаат под урнатините.

Четириесетчлена британска екипа за пребарување и спасување беше првата што стигна во тој град, и новинарот на весникот „Мирор“ беше со нив. Две масовни гробници се наоѓаат покрај главниот пат, а неколку мртви тела се фрлени во третата. Во непосредна близина група луѓе молат за помош. Вооружени лица провокативно стојат во одбрана на здравствената клиника, претворена во засолниште, спречувајќи ги новодојденците. Во оваа област не е испорачана помош од катаклизмата што се случи во вторникот минатата недела, а глетката беше опишана како апокалиптична.

Дејвид Ор од Светската програма за храна при ОН изјави: „Ова е епицентарот на земјотресот и илјадници луѓе се мртви. Речиси секоја куќа е уништена. Армијата информираше за околу 20-30 илјади мртви“. Луѓето отидоа кон околните полиња со шеќерна трска за да избегаат од уништувањето. Десетици илјадници лица живеат под отворено небо во црковните комплекси, училишта, игралишта и пазари. Жан Ки Луис, работник во продавница, вели: „Овде не видовме ниту еден спасувач, никаква помош, воопшто. Луѓето умираат од глад, дури и преживеаните. Немаме ништо, потребна ни е помош. Ги пречекавме Британците со раширени раце. Се надевавме дека ќе дојдат“. Тимот употреби хеликоптери за процена на штетата пред да се подели во две групи и да почне потрага по преживеани. Тие ќе работат и преку ноќ, а координаторот Шон Мур од противпожарната служба во Вест Мидленс изјави: „Ова ни е последна шанса да извлечеме некој жив“. Во периферијата на Леогане, има знак испишан рачно што вели „С.О.С.“, додека возила се обидуваат да се пробијат низ уништените и непроодни патишта.

Низ Хаити земјотресот однесе најмалку 50.000 животи, постои можност и за повеќе од 100.000, а 1,5 милиони лица остави без покрив над главата. Еден работник на ОН беше потврден како прв Британец што загинал во земјотресот. Фредерик Вулдриџ (41) од Кент го загуби животот во вторникот. Неговото семејство соопшти дека тој „си ја сакаше работата“ како советник за политички прашања и планирање на Хаити.

Кабинетот на островот одржа состанок во Порт-о-Пренс, на клупа и неколку пластични стола во дворот под отворено небо. Исцрпени официјални лица седат во круг на бетонска плоча пред полициската станица во која сега престојува претседателот. Премиерот Жан Макс Белериве го предводеше состанокот, а странски амбасадори и првите луѓе на хуманитарните агенции им се приклучија на министрите, во како што официјалните претставници посочија, на состанокот што ќе се одржува двапати дневно. Претседателот Рене Превал не и' се обрати на нацијата ниту, пак, е виден на некое од погодените локации.

Министерот за информации, Мари Лоренс Жозелин Ласеге, пред новинарите изјави: „Министерот за финансии ја загуби својата 12-годишна ќерка. Министерот за туризам ги загуби родителите. На началникот на полицијата му загинаа две од трите деца“.

Сепак, во главниот град ударите од тапани ги повикуваат верниците на миса кај урнатата катедрала во градот. Отецот Ерик Тусант вели: „Зошто да му се заблагодариме на бога? Бидејќи сме тука. Велиме ’ти благорама боже‘. Она што се случи е божја волја. Сега ние сме во рацете на бога“.

Официјални лица од Хаити планираат масовна преселба на 400.000 лица од привремените кампови во периферијата на главниот град, додека американските власти ги санираат штетите на главното пристаниште, правејќи двојни напори за помош на жителите што го преживеаја катастрофалниот земјотрес. Планот за привремено преселување на илјадници лица има цел спречување на ширење на болести низ стотиците бедни кампови низ градот каде што семејствата што се оставени без покрив над главата немаат санитарии и живеат во шатори, под церади или под отворено небо. „Тие ќе бидат сместени во места каде што барем ќе имаат некои адекватни објекти“, изјави Фриц Лонгшамп, шеф на кабинетот на претседателот Рене Превал. Тој додаде дека масовното преселување би можело да почне на крајот од месецов.

Обелоденувањето на информацијата дојде во услови кога бледнее надежта за пронаоѓање преживеани од земјотресот што се случи на 12 јануари, и некои спасувачки екипи почнаа да се пакуваат. Спасувачите целосно се фокусираат на одржување во живот на преживеаните. (Мирор/АП)


#
Статијата е прочитана 798 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Свет
Кој навистина ги отру децата на Гебелс
Потомците на нацистите се стерилизираат
Кина и САД се скараа за „Гугл“
И Гордон Браун повикан да сведочи за ирачката војна
На аукција авионот што слета во Хадсон
Еврејска молитва симна авион
Опозицијата бара повлекување од Авганистан
Цунами-бранови се очекува да удрат во Истанбул