Кина и САД се скараа за „Гугл“
Америка ја обвини Кина дека го ограничува слободниот пристап до информации
Кина ги осуди американските критики за нејзината контрола врз Интернетот, наведувајќи дека тоа би можело да им наштети на односите меѓу овие две земји. Американскиот државен секретар Хилари Клинтон во четвртокот апелираше до Кина да ги укине ограничувањата на Интернетот. Клинтон, исто така, апелираше до Пекинг да ги истражи жалбите од „Гугл“ дека сајбер-нападите потекнуваат од Кина.
Портпаролот на Министертвото за надворешни работи, Ма Жаоксу, изјави дека САД треба да ги „почитуваат фактите“ и да престанат да упатуваат „неосновани обвиненија против Кина“. „САД ги критикуваат политиките на Кина за управување со интернет, и инсинуираат дека Кина ја ограничува интернет слободата“, изјави тој во соопштението објавено на веб-страницата на Министерството за надворешни работи. „Ова е спротивно на фактите и е штетно за кинеско-американските односи“. Во текстот објавен на веб-страницата на „Глобал тајмс“ на англиски јазик, на Комунистичката партија, критиките на Клинтон се нарекуваат „информативен империјализам“.
Во говор во кој беа опфатени широка низа прашања, а Клинтон го одржа во Вашингтон изјави дека Интернетот е „извор на огромен напредок“ во Кина, но дека секоја земја која го ограничува слободниот пристап до информации ризикува „оградување на себеси од напредокот во следниот век“. Таа додаде дека САД имаат намера да ги иницираат прашањата за Интернет-слободата во рамките на своите односи со Пекинг. Таа, исто така, повика на посериозна акција против луѓето и државите што спроведуваат сајбер-напади. „Гугл“ на 12 јануари соопшти дека хакери се обиделе да ги пробијат софтверското кодирање и и-мејл адресите на активистите во кинеските групи за човекови права, со „високософистициран“ напад што потекнувал од Кина. (Би-Би-Си) |