Кој навистина ги отру децата на Гебелс
Во последните денови на Третиот Рајх во бункерот на Хитлер се случија многу страшни работи, како што беше страшно и целото владеење на фирерот
До денес убиството со труење на шесте деца на првиот човек на нацистичката пропаганда Јозеф Гебелс остана мистерија. Новооткриените досиеја покажуваат дека во 1950-тите години еден лекар признал дека бил соучесник во настанот, но дека судиите што го воделе случајот дозволиле тој да помине неказнето.
Тоа биле последните денови од нивните животи, но децата не го знаеле тоа. Дванаесетгодишната Хелга, со очи и црна коса како својот татко, Јозеф Гебелс. Хилде (11), која е црнокоса, и секој кој ќе ја погледнел брзо ќе сфател дека ќе прерасне во вистинска убавица. Потоа, тука биле и осумгодишната Холде, шестгодишната Хеда и најмалото девојче, четиригодишната Хајде. Буквата „Х“ е за Хитлер. Името за секое од децата потсетува на името на фирерот, за кого Гебелс работеше како прв човек на пропагандата. Единствениот син во семејството го носи името Хелмут (9).
Берлин, крајот на април 1945 година, кабинетот на Рајхот. Бункерот на Хитлер, длабоко под земјата под кабинетот, беше место изградено од сив бетон, тесни ходници, железни врати и студено светло. Тоа не беше пријатно место, особено не за деца кои само неколку недели порано живееја наизглед безгрижен и невин живот, играјќи си со мачињата и кучињата на фарма подалеку од Берлин.
Руските војници се на само неколку стотина метри и сите во бункерот апелираат до родителите, конечно, да ги однесат децата на безбедно. Хана Рајтч, позната германска авијатичарка, вели: „Господе боже, госпоѓо Гебелс, децата не може да останат овде, па дури и ако треба да летам 20 пати за да ги изнесам одовде“. Меѓутоа, Гебелсови остануваат бескомпромисни. „Подобро е за моите деца да умрат отколку да живеат во срам и понижување“, вели нивната мајка Магда. Нивниот татко стравувал дека Сталин би можел да ги однесе децата во Москва, каде што ќе им биле измиени мозоците и ќе станеле комунисти. „Не, подобро е ако ги земеме со нас“.
На 30 април, околу 15,30 часот, Хитлер се застрелува во главата, а неговата сопатничка Ева Браун умира со него. Двојното самоубиство било сигнал за другите. До следниот ден шестте деца на Гебелс, исто така, се мртви. Откако примиле морфиумска инјекција за да бидат во бесознание, тие се отруени со цијанид, супстанција што предизвикува брза смрт со задушување.
Шест мртви деца, но тоа дело никогаш не беше казнето. Чудно, но ниту еден историчар никогаш навистина доволно не го истражувал ова трагично злосторство, што беше дел од конечниот акт на Третиот рајх. До денес, епизодата останува предмет на шпекулации и погрешно толкување.
Меѓутоа, кон крајот 1950-тите години имаше неверојатно судско продолжение, во кој беше инволвиран случајот што беше ислушан од регионалниот апелационен суд во западниот германски град Хам. Досиејата за случајот се складирани во националната архива во соседниот Мунстер. Тие се' досега беа незабележани, иако ја откриваат „благоста и сомнителните аргументи со кои судовите ги решаваа нацистичките злосторства во тоа време“, вели главниот обвинител Маик Вогерзиен, кој неодамна, повеќе или помалку случајно, наиде на документите. Вогерзиен спроведе истражување токму на оваа тема на Правната академија на државата Северна Рајна Вестфалија.
Според документите, судиите што го воделе случајот на Гебелс биле поранешни членови на нацистичката партија, како што честопати беше случај во судењата на нацистичките злосторства во новоформираната Сојузна Република Германија. На пример, судиите успеале да го изостават комплетираниот обвинител акт за чедоморство, користејќи неточни, па дури и нелегални аргументи. Обвинетиот бил ослободен од обвиненијата. Новооткриените досиеја сега прават тоа да биде возможно, и тоа првпат, и да се реконструира што се има случено навистина.
Човекот кој е во фокусот на сите тие документи е Хелмут Кунц. Откако дипломирал право, се стекнал со докторат по стоматологија. Кога Хитлер ја почнал војната, Кунц бил медицински офицер во озогласената СС-дивизија Тотенкопф (Мртовечка глава). Тој бил сериозно ранет во 1941 година и по закрепнувањето бил префрлен во медицинската единица Вафен-СС, борбена единица на СС, во Берлин. Во април 1945 година, со чинот штрумбанфирер (мајор), Кунц повторно е префрлен, но овој пат во кабинетот на Рајхот. За Кунц, кој близок пријател на Хитлер го опишува како „воин во вистинска смисла на зборот“, тоа бил значаен момент.
На 22 април и Гебелс бил подготвен. Било премногу опасно за семејството да остане во својот стан во Берлин на Херман Геринг штрасе, па затоа нивните куфери биле спакувани, децата биле облечени и им било кажано да ги облечат капутите и да ги стават капите. Тоа, исто така, било и последно збогување со Кате Хубнер, нивната гувернантка со прекар Хуби. „Ние ќе престојуваме заедно со фирерот во неговиот бункер“, рекол малиот Хелмут. „Доаѓаш ти со нас?“ Ја оставија младата жена, која со поглед ги испрати додека Магда Гебелс доброволно го следеше фирерот „во неговата безнадежна ситуација“.
Магда Гебелс го повикала настрана Кунц и буквално побара од него да и' „помогне во убиството на нејзините деца“ како што подоцна посведочи забарот. Меѓутоа, Кунц тврдел: „Одбив и и' кажав дека едноставно сум неспособен да го сторам тоа“. Тој и' кажа дека неодамна ги загубил двете ќерки во американски воздушен напад. Меѓутоа, Магда Гебелс инсистирала и се верува дека кажала, кратко време потоа, дека тоа „повеќе не е нејзино барање“, „туку директна наредба од Хитлер“, според сеќавањата на Кунц за тоа што рекла госпоѓа Гебелс за време на расправијата. „Таа ме праша дали е доволно што ја пренесува наредбата или сакам да зборувам лично со Хитлер“.
Квечерината на 1 мај 1945 година ќерките и синот се веќе в кревет, но се' уште не се заспани. „Не плашете се“, вели нивната мајка. „Лекарот сега ќе ви даде инјекција што ја добиваат сите деца и војници“. Таа ја напушта просторијата, а Кунц им става морфиумска инјекција, „прво на двете постари, потоа на момчето и на останатите девојчиња“. Кога децата заспале, Магда Гебелс влегла во собата со капсули цијанид во раката, како што сведочеше Кунц. Таа се вратила неколку секунди подоцна, вознемирена и расплакана. „Докторе, не можам тоа да го сторам, вие ќе треба да го направите тоа“, рекла таа. Забарот одговорил: „И јас не можам да го направам тоа“. „Тогаш доведете го доктор Штумфегер“, рекла таа. Лудвиг Штумфегер, кој бил малку помлад од Кунц, бил еден од личните лекари на водачот на СС-единиците, Хајнрих Химлер.
Една недела подоцна, руски судски вештаци извршија аутопсија врз децата и заклучиле дека нивната смрт „настанала како резултат на труење со цијанид“. Двојката Гебелс изв��ши самоубиство надвор од бункерот, а Штумфегер загинал додека се обидувал да се пробие низ руските линии во Берлин. Но, Кунц преживеа. Тој беше и сведок и извршител, некој што можеше да ги инкриминира останатите и да се ослободи себеси од обвинението. Некој кој, исто така, можел лажно да посведочи.
На 30 јули 1945 година, Русите го однеле Кунц во Москва каде што тој им се приклучил на стотиците илјадници германски воени заробеници. Бил во затвор шест и пол години. Во февруари 1952 година, бил изведен пред суд поради тоа што бил член на нацистичката партија и на СС-единиците и подоцна, како што тврди Кунц, и за смртта на децата на Гебелс.
Судскиот процес на Кунц во Москва беше откако сојузниците го спроведоа Нирнбершкиот процес. Во почетокот, судовите во Западна Германија правеа усогласени напори за брзо осудување на нацистите за воени злосторства. Меѓутоа, наскоро, како што вели германскиот историчар Норберт Фрај, имало „впечатлив пад во нивото на ентузијазам за изведување на луѓето пред лицето на правдата“. Покрај тоа, младата Сојузна Република Германија прогласи општа амнестија, прво во 1949 година, годината кога се формираше, а втората во 1954 година, што само го парализираше процесот за дополнителна правда.
Откако Кунц минал десет години во руско заробеништво, Кремљ конечно го ослободил на 4 октомври 1955 година. Кратко време потоа, смртта на децата на Гебелс стана случај за јавниот обвинител, но само поради тоа што окружниот суд во баварскиот град Берхтесгаден спроведе обврзувачки процес за верификување на смртта на Хитлер. Еден до многуте сведоци бил Хари Менгерсхаузен, поранешен помошен инспектор и СС-овец, како и поранешен воен затвореник. Менгерсхаузен прво сведочел за самоубиството на Хитлер, а подоцна судијата Хајнрих Штефанус почнал да го истражува случајот на Гебелс: „Смртта на децата се' уште е мистерија. Не знаеме кој го направи тоа и што точно беше направено... Д-р Кунце во една пригода беше споменат во овој контекст“. Ниту судијата ниту сведокот не го знаеја точното име на Кунц. „Доктор Кунце трипати одби да ги отруе децата“, изјави Менгерсхаузен, „и потоа Гебелс... му укажа дека тој се' уште има моќ да издава наредби и дека тој (д-р Кунце) би можел да биде казнет поради непочитување наредба. Потоа тој ги даде инјекциите...“ „Меѓутоа, вие го знаете ова само од гласишта?“, праша Штефанус. „Ова го знам бидејќи тој самиот ми кажа“, одговорил Менгерсхаузен.
Дотогаш Кунц се населува во северозападниот германски град Мунстер, каде што работел како „асистент волонтер“ на Универзитетската стоматолошка клиника, како и лекар по договор во новите германски вооружени сили, Бундесвер. Главниот обвинител Теодор Миделдорф почнал прелиминарна истрага против Кунц за шест обвиненија за убиство во случајот број 6 досие бр. 1041/56.
Во текот на следните месеци, Миделдорф сослуша голем број сведоци што преживеале се' до крајот, во бункерот на фирерот, последните блиски пријатели на Хитлер. Меѓу нив бил и неговата секретарка Траудл Јунге, неговиот личен слуга Хајнц Линге, неговиот возач Ерих Кемпка, и неговиот главен пилот Ханс Баур.
Некои од нив никогаш не слушнале за Кунц, додека, пак, другите знаеле за него и ја знаеле неговата приказна. Меѓутоа, Миделдорф, всушност, немал потреба за класичен инкриминирачки сведок. На првото сослушување, заболекарот признал дека им дал морфиумска инјекција на децата и се изјаснил дека неговиот колега д-р Штумфегер и Магда Гебелс биле сами во собата. Кога госпоѓа Гебелс излегла од собата, како што сведочеше Кунц, таа била расплакана и рекла: „Сега се' е готово!“
Во јануари 1959 година, од кабинетот на јавниот обвинител во Мунстер беа поведени обвиненија, но не за убиство, туку за помагање и поттикнување убиство „преку шест независни акции“. Од самиот почеток обвинителството ја отвори можноста дека Законот за амнестија од 1954 година се однесува на случајот на Кунц.
Прво, наведоа тие, „барањето да учествува во убиство на деца“ не било „обврзувачка наредба“ за Кунц, иако Магда Гебелс инсистирала на тоа дека таа дошла директно од нејзиниот сопруг или Хитлер. Па, дури и ако Кунц и' верувал на Магда Гебелс, тој требал да одбие, тврдело обвинителството, бидејќи „убивањето деца не е ништо друго освен злосторство“.
По истражувањето на досиејата само три недели, првата криминална комора на државниот суд на Мунстер ја затворил постапката. Три месеци подоцна, Регионалниот апелационен суд во Хам ја потврдува одлуката на понискиот суд и нагласил колку е опасна ситуацијата за Кунц. Магда Гебелс, тврдел судот, „му ставила јасно на знаење дека тој ќе биде убиен ако одбие да ја заврши задачата што му била доделена“.
Забарот почина во Фруденштат во југозападна Германија во 1976 година. Тој беше многу ценета личност во заедницата и работеше се' до својата смрт. Според руските информации, по аутопсиите врз телата на децата, како и врз оние на нивните родители и на Хитлер и Ева Браун, набрзина биле погребани во близина на Бух во североисточниот дел на Берлин. Двапати потоа биле преселувани пред Политбирото во Москва да нареди нивно „конечно“ уништување „според строгите наредби за тајност“, бидејќи Русите сакале да избегнат привлекување внимание.
На КГБ му било наредено да спроведе тајна мисија под шифрирано име „Операција архива“. Според тајните документи, ноќта меѓу 4 и 5 април 1970 година единица на КГБ откопаа „черепи, коски, ребра, прешлени...“ Агентите се' што пронајдоа фрлија во голем оган, и „останките“ беа „целосно изгорени“ и „заедно со парчиња дрвен јаглен беа претворени во прав“. Пепелта беше истурена во реката Елба. (Дер шпигел) |