Измените во законот упад во синдикатите
Опозицијата на вчерашната јавна дебата обвини дека со измените во Законот за работни односи власта прави директен политички упад во синдикалното организирање и тие значат негово растурање. Овој Закон, според нив, внесува дополнителна конфузија и не решава ништо од областа на трудовото право. Според Сојузот на синдикати на Македонија, станува збор за големи промени во Законот, а предложените одредби нема да бидат применливи во практика. ССМ смета дека предложеното законско решение води кон растурање на синдикалното движење и постои правна несигурност во сите одредби.
Синдикатот не се согласува со начинот на утврдување на репрезентативноста на синдикатите, а лошо решение за нив е што се брише и обврската работодавецот во рок од три дена да го пријави работникот. За Светлана Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ не е точно оти со бришењето на обврската работодавецот да го пријави работникот во рок од три дена постои правна несигурност за работниците. „Има начини на проверка. Со електронскиот систем на следење секое лице може да влезе во евиденцијата на Агенцијата за вработување и да се види дали е пријавен или не“, рече Јакимовска.
Државниот советник во Министерството за труд и социјална политика, Стојан Трајанов, рече дека главните причини за измени во Законот е негова хармонизација со препораките на Европската комисија и Меѓународната организација на трудот. (МИА) |