Опозицијата смета дека новата корекција на буџетот е задоцнета и се темели на нереален економски пад од 0,6 отсто
Опозицијата жестоко го критикува новиот ребаланс на буџетот што неодамна го усвои Владата, а наскоро треба да биде изгласан и од парламентарците. Двете опозициони партии, кои вчера во ист ден одржаа прес-конференции за да ги изнесат своите забелешки на предложената корекција на државната каса, сметаат дека новиот ребаланс е задоцнет и се темели на погрешни претпоставки за економски пад од само 0,6 отсто. Опозиционерите потенцираат дека за да биде вистинска антикризна мерка, со ребалансот требало да се скратат најмалку од 260 до 290 милиони евра. Вака креиран, пак, ребалансот ќе предизвика повисоките каматни стапки и понатаму да се задржат, а економијата нема да исплива од кризата, се главните забелешки на опозицијата.
Во СДСМ се децидни дека претпоставката во ребалансот за пад од 0,6 отсто е нереална и преоптимистичка. „Владата има лоша историја на предвидување за економијата. Погреши во декември, кога предвиде раст од 5,5 отсто, а и во мај кога предвиде раст од еден процент. Претпоставуваме дека оптимизмот на Владата се базира на порастот на цените на металите. Нашите предвидувања покажуваат дека падот ќе биде најмалку двојно поголем од оној што го предвидува Владата. Тоа се темели на очекувањата дека личната потрошувачка нема да закрепне во услови на потежок пристап до кредити, кои се и со повисоки каматни стапки, јавната потрошувачка ќе има пад поради кратењето на буџетските расходи, а инвестициите, исто така, ќе се намалуваат поради воздржувањето од инвестирање во услови на зголемена неизвесност и потешко и поскапо финансирање“, изјави на вчерашниот прес потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски.
Поаѓајќи од преоптимистичката претпоставка за економски пад од 0,6 отсто, во 2009 година Владата ќе троши повеќе отколку што треба. Како последица на тоа, Народна банка на Македонија и понатаму ќе се чувствува непријатно за да ја релаксира монетарната политика, што ќе значи и одржување повисоки каматни стапки.
Според Јовановски, добро е што при ребалансот е намалено трошењето со увозна компонента, бидејќи така ќе се намали притисокот врз девизниот курс и девизните резерви, но лошо е што се скратени капиталните расходи за 18 отсто, средствата за поттикнување на вработувањето за 21 процент, како и средствата за изградба и реконструкција на патишта за милијарда денари, инвестиции што треба да го олеснат и излезот на македонската економија од кризата. Наспроти тоа, и покрај сите укажувања не само што не се намалени, туку се и значително зголемени средствата за економска промоција.
За СДСМ е нејасно дали средствата за финансирање на буџетот од еврообврзницата ќе се користат за плати, пензии или за развојни проекти, оти недозволиво е државата да се задолжи по толку висока цена, а да не се знае за што точно се ��адолжила.
За начините за покривање на дефицитот во буџетот, Јовановски рече дека доколку Владата се одлучи да го финансира од домашни извори, една од можните опции е и зголемувањето на даноците.
Со конкретен предлог за тоа за колку навистина треба да се скрати буџетот вчера излезе и ЛДП, која смета дека наместо 80 милиони евра, со новиот ребаланс е потребно да бидат скратени од 260 до 290 милиони евра. „Така дизајнираниот ребаланс би бил вистинска антикризна мерка и би се симнал тешкиот товар од стопанството, а владините трошења би се сообразиле со клучните економски параметри“, рече на прес-конференцијата претседателот на ЛДП, Јован Манасиевски.
Според него, не треба да се крати кај капиталните расходи, градежните работи и патишта, туку потребно е кратење кај тековните расходи и кај договорните услуги. Манасиевски смета дека со последниот ребаланс, наместо антикризен, се добива буџет кој одбива да се соочи со проблемите и оти Владата оваа година ќе потроши 155 милиони евра повеќе во споредба со лани, а од стопанството и од граѓаните ќе бидат земени 35 милиони евра повеќе од 2008 година. Како пример посочи дека „годинава ќе бидат потрошени 31 милион евра за плати и за надоместоци на новите 9.780 партиски вработувања во администрацијата“. (Н.Н.Ф.)