Дигиталната безжична телевизија на „Телеком Словенија“ наесен
Раководството на „Телеком Словенија“ информира дека е пуштен сигналот на новата безжична дигитална телевизија на македонскиот пазар во фаза на тестирање, а комерцијалниот старт го одложува за наесен.
Како причина за доцнењето со услугата, која требаше да ја понуди во почетокот на месецов, словенечкиот оператор ја наведува светската економска криза. „Финансиската конструкција за инвестицијата не е проблем и е обезбедена, но поради светската рецесија, доставувачите навреме не ги испорачаа нашите нарачки за функционирање на дигиталната телевизија“, објасни на прес-конференција Предраг Чемерикиќ, генерален директор на дигиталната телевизија.
Според Чемерикиќ, системот е поставен, се работи на дистрибуција на приемничките кутии, а до крајот на годината ќе бидат покриени 95 проценти од домаќинствата.
Чемерикиќ истакна дека малото задоцнување не треба практично да биде некаков проблем. Со гаранцијата од 5 милиони евра која „Телеком Словенија“ ја достави до Агенцијата за електронски комуникации на 4 јуни годинава се обврзале за една година да обезбедат покривање од минимум 80 проценти од домаќинствата, во референнтиот пакет на услугата да обезбедат минимум 30 програми за цена од 423 денари.
Тест-периодот ќе трае две недели и над 500 корисници ќе ја добијат услугата бесплатно, а иницијалниот датум за комерцијалниот старт, според раководството, најверојатно, ќе биде во исто време со спојувањето и ребрендирањето на „Он-нет“, „Космофон“ и „Германос“, чиј заеднички сопственик е „Телеком Словенија“.
Од словенечкиот оператор најавуваат дека ќе нудат програмски пакет со супериорна дигитална слика и звук, преведени странски програми на македонски јазик, електронски програмски водич за седум дена однапред, можност за снимање и премотување, како и видеотека со најнови филмски наслови и интерактивни сервиси. Најголема новина е локализацијата на македонски јазик, што значи дека странските канали се титлуваат или синхронизираат на официјалниот јазик во државата, онака како што е пропишано во домашните закони. Почнати се активности за превод и на албански јазик.
Транзицискиот период за премин од аналогна во дигитална телевизија за земјите-членки на ЕУ е 2012 година, а за Македонија 2015 година. Основната предност на дигиталната дејност е емитување поголем број ТВ-канали со иста искористеност на фреквенцијата. Дигиталниот систем обезбедува висококвалитетна слика и напреден повеќенаменски тон. За прием на дигиталната телевизија населението мора да поседува конверторска опрема или современ ТВ-приемник со вграден тјунер. (МИА) |