Стопанствениците ќе можат да влијаат врз законите за бизнис
Бизнисот бара да биде вклучен во процесот на носење на законите од економската сфера. Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, предупреди дека во дури 50 отсто од предложените закони, во текот на изминатава година, бизнис-заедниците немале увид и не можеле да влијаат во нивното носење. „Многу аргументи, наши барања не се имплементирани во законските решенија, што подоцна се покажало како непродуктивно. А тоа сега е случај со оспорените одредби од Законот за шпедитерско работење, како и Законот за фискализација на пазарите“, изјави вчера Азески. Бизнисот бара да има разумен временски рок во кој би реагирале, а не законите да се носат по итна постапка.
Во Владата, вчера, вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски, промовираше Прирачник за процена на влијанието на регулативата, со кој ќе се овозможува токму тоа што го бараат бизнис- заедниците, детаљна процена на законите за можните економски и социјални влијанија, како и врз животната средина, кратко наречен РИА.
„Со процесот РИА се постигнува транспарентност и предвидливост на регулативата, а стопанствениците можат да бидат сигурни дека нема да се донесе закон што ќе го промени начинот на водење бизнис, без претходно да бидат запознаени со него и консултирани. Регулаторната гилотина ревидира над две илјади закони, со што се намали и 461 бирократска мерка, од што произлезе намалувањето на трошоците за надоместоци за 50 отсто“, изјави вчера Пешевски. Тој најави дека во следната фаза на Регулаторната гилотина ќе бидат опфатени мерки, кои се однесуваат на царинските постапки и на други области.
Амбасадорот на Велика Британија во Македонија, Ендру Ки, рече дека регулаторните реформи се од огромно значење за секоја земја, а за Македонија имаат најголемо влијание врз евроинтеграциите и го подобруваат квалитетот на живот.
„Подобрите регулативи придонесуваат за подобри економски услови за бизнисите во Македонија, невладиниот сектор и пошироката јавност. Оцената на влијанието на регулативите помага во создавањето на квалитетни закони, кои го земаат предвид влијанието врз бизнис-средината, животната средина и животот на граѓаните“, рече Ки.
Воведувањето и имплементацијата на процената на влијанието на регулативата (РИА), од каде што произлезе и публикацијата, се поддржани од британската амбасада во Скопје. (С.М.)
|