Франција им суди на 14 соработници на Пиноче
Обвиненијата се доведуваат во врска со исчезнувањето на четворица француски државјани во 70-тите години
ПАРИЗ - На четиринаесет официјални лица што служеа во времето на режимот на генералот Аугусто Пиноче во Чиле во 70-тите години им се суди во отсуство во еден француски суд. Обвиненијата, кои вклучуваат киднапирање и тортура, се доведуваат во врска со исчезнувањето на четворица француски државјани кратко време откако генералот Пиноче дојде на власт. Четиринаесетте обвинети се, главно, високи воени офицери во тоа време, и меѓу нив е Мануел Контрерас, поранешен прв човек на тајната полиција Дина. Пресудата се очекува кон крајот на декември.
Четворицата француски државјани исчезнаа во периодот меѓу 1973 и 1975 година. Меѓу нив е и Џорџ Клајн, поранешен советник на претседателот Салвадор Алјенде, кого генерал Пиноче го собори со воен удар. Семејствата на четворицата слушаа додека судијата во судот во Париз ги читаше имињата на 13 Чилеанци и еден Аргентинец, обвинети за киднапирање, тортура и варварски дела.
И самиот генерал Пиноче беше вплеткан во исчезнувањето на француските државјани, но почина во 2006 година без да биде изведен пред суд. Неговиот режим ,кој постоеше од 1973 до 1990 година, остави зад себе повеќе од 3.000 мртви или исчезнати. (Би-Би-Си) |