Политичките партии ставаат капа врз студентите во Грција
Студентските партии во Грција се подобро организирани од војската - продаваат весници, регрутираат
Од нашиот дописник Миркица Поповиќ
Атина - Студентското организирање и солидаризирање на младите во Грција со домашните, но и меѓународните проблеми, изгледа импресивно. Илјадници студенти речиси секој ден се организираат и бестрашно излегуваат на грчките улици и протестираат и за студентските права и барања, за економските проблеми, за меѓународните неправди, се судираат со полицијата, трпат удари и солзавец. Меѓутоа, зад силниот штит од реката бунтовни студенти стои уште поголема река нерешени проблеми, а пред се', политички влијанија.
Во разговор со студенти, кои не се членови на некоја од студентските партии во Грција, ви станува јасно дека проблемите на грчките студенти во голем дел личат на оние со кои се соочуваат и македонските. Лоши услови во студентските домови, проблеми со предавања и материјали за студирање, недоволно столчиња во предавалните, притисоци од студентските политички партии за време на студентските избори.
Но, ако отидете на еден грчки универзитет, веднаш ќе ви стане јасно дека немањето единство за студентските проблеми меѓу студентите доаѓа поради политичка и идеолошка поделба. На влезот на секој факултет ве пречекува редица маси на кои се поставени флаери, постери на студентските партии и исто толкав број симпатизери и членови на партиите, кои секојдневно се обидуваат да придобијат нови членови и се спремни со многу страст да ви ја претстават идеологијата на нивната партија. Левица, марксисти, сталинисти, троцкисти, подмладоците на Нова демократија, ПАСОК и Комунистичката партија, се чини дека бројот на партии расте во недоглед. Се препознаваат по начинот на облекување, музиката што ја слушаат и генералното однесување. Секоја од нив се приклучува на протест, кој одговара на идеологија или протестот на политичката партија што ја поддржуваат, но не и кон протестите што ги почнува некоја друга студентска партија.
„Студентските партии се подобро организирани од војската. Продаваат весници, регрутираат луѓе, доаѓаат без најава на предавањата на факултет и бараат од професорите да им отстапат 15-ина минути за да презентираат одредена програма. Вршат многу силен притисок и на студентите, се обидуваат и на професорите од идеолошки и партиски причини“, вели професорот и социолог Јанис Антонопулос, додавајќи дека овој начин на студентско организирање постои повеќе од 80 години.
Во една анализа на весникот „Катимерини“ се наведува дека студентските партии се формирани и развиени уште од времето на транцизијата на Грција откако политичките партии успеале да навлезат во сите сегменти на синдикатите во државата. „Стандардна политика на студентските партии освен краткорочно услужување и помош на студентите, беше и продолжува да биде фанатизмот во служба на опортунистички партиски интереси, па макар тие и да биле против слободата, истражувањето, образованието и подобрувањето на образовниот систем“, коментира „Катимерини“, дополнувајќи дека она што го учат студентите членови на овие партии е како потоа да влезат и да ја раководат партијата која ја поддржуваат.
Иако студентски протестите се секојдневје и ве тераат да мислите дека има фантастично студентско единство, сепак, студентите коментираат дека целосно обединување во последните неколку години ��мало само двапати. Првиот пат во 2006 против законот за образование со кој доколку не завршат факултет за шест години им се одзема правото за студирање со цел да се укине статусот „доживотен студент“, кога со месеци факултетите беа под студентска опсада и немаше никакви предавања за да се натера владата да го повлече законот. Вториот пат кога сите студенти заедно излегоа без идеолошки поделби пред две години по убиството на тинејџерот Александрос Григоропулос од еден полицаец поради кавга. „Освен овие два протеста, не се сеќавам да имало конкретен протест за студентските проблеми каде што сите заедно протестираме. Се немаме обединето да се побуниме поради недостигот од книги во библиотеката, поради немањето доволно столчиња во амфитеатрите и училниците, поради тоа што зимно време немаме греење или летно време нема никаква климатизација за време на предавањата. Протестите се генерални за ситуацијата во државата, за генералните проблеми, но го забораваат студентот“, ни вели 22-годишната Ана, студент на постдипломски студии на „Пантеио“.
Студентското организирање на политичка основа честопати ја фрла во сенка главната функција на универзитетите. „За многумина, универзитетот служи како канцеларија за студентската партија, простор за организирање и информирање на членовите за активностите или протестите, или некои дебати“, вели Антонопулос. Според него, се заборава дека ова е место каде што треба да се сподели и да се надгради нивното знаење, а не место каде што треба да дојде до политички пресметки.
За студентите политичките партии на универзитетите создаваат поинакви дилеми. Имено, балканското правило „за да успееш во нешто треба да имаш некој познат“ во големо владеат за административните процедури на факултетите како пријавувањето испити или запишувањето година. Како што коментираат студентите, основните работи, како што се пријавите од канцеларијата за студентски прашања им се делат на партиите, кои потоа ги користат како начин да придобијат членови. „Првата година кога дојдов да поднесам пријава на факултет, веднаш ми пријде девојка од една партија и почна да ми говори за процедурата за пријавување, ми помогна со сите документи, потоа и постојано ми се јавуваше ме информираше за некои промени или новости на факултетот“, раскажува студентка од „Пантеио“. За неа, таквиот постојан контакт бил причина да гласа за девојката на студентските избори. „Но, неколку години подоцна, од истата партија добив повик од едно момче, кое не го познавав и не му ја знаев програмата, да дојдам и да гласам за него затоа што припаѓа на истата партија“, раскажува студентката. Нејзиното искуство покажува дека ако некој се запише во една партија, откажувањето оттаму е речиси и невозможно, а не е мал ни бројот на луѓе што се соочиле со драстични чекори како закани за физичка пресметка доколку се обидат да ја напуштат партијата.
На голем дел од студентските форуми каде што се дискутира генерално за студентските партии и нивното влијание младите пишуваат дека членството во партијата значително им го олеснува животот од најбанални работи, како што се студентски забави и запознавање нови луѓе, до полесно запишување испити и година без да се појават на факултет, некогаш и снабдување со испитни прашања, како и до притисок до професорот да попушти за некоја оценка.
„Целата активност на факултетите на студентските партии тврдат дека е за да се покаже дека студентот има глас. Ова во голема мера го поддржуваме, да реагираме, ние сме народ што реагира и се бунтува. Но, ако тој глас е контролиран од горе од политичката партија, што покажува тоа, каков е тој студентски глас?“, прашува Ана. На ова се надоврзува коментарот на професорот Антонопулос додавајќи дека е трагично тоа што политичките партии „ставаат капа врз студентите“ и целосно ги раководат во сите натамошни чекори без да дозволат развивање на слободно непартизирано студентско движење и мисла. „Во Грција многу е силна поделбата по партии. Главното прашање секогаш е кој е на власт, кој ги контролира работите“, вели тој, според кого, во земјата владее партијата. „Општеството станува држава, а државата партија, а владејачката партија контролира се'“, посочува Антонопулос, забележувајќи дека е трагедија што има толку силен обид за создавање партиски војници од студентите.
Неопределените студенти бараат единствено за секој протест некој во детали да објасни за што се протестира, а не само да се реагира против секој закон на која било влада без да им биде објаснето на луѓето за што ќе треба да се судрат со полицијата тој ден. Според Ана, тоа е причина половина од студентите да останат дома, да не излезат на некој протест, бидејќи има политички влијанија. Но, да излезат околу 10 отсто од сите студенти во Атина градот ќе биде парализиран. „Да протестираме, но и без сите политички влијанија и аспирации за напредување во некоја партија, да не бидеме само дел од бродот што плови некаде, а не знаеме каде“, заклучува 22-годишната студентка.
|