Тепачка пред Миланска Скала поради крaтење на буџетот
МИЛАНО - Се случија тепачки пред познатата оперска куќа „Ла скала“ во Милано за време на протестите поради предложените скратувања на финансиските средства за уметноста и образованието. Вработените во операта од цела Италија мирно протестираа пред говорот на диригентот Даниел Баренбоим кога се случија нередите. Студентите се судрија со полицијата, која употреби палки и солзавец, и 14 полицајци се здобија со полесни повреди. Публиката внатре му аплаудираше на Баренбоим за неговиот страстен говор за одбрана на културата.
Говорејќи пред да ја крене палката за диригирање на изведбата на „Валкира“ од Рихард Вагнер, израелскиот гостин диригент директно му се обрати на претседателот Џорџо Наполитано, кој седеше во ложата, да ги употреби своите уставни овластувања за да побара заштита на италијанското културно наследство. „Во името на колегите што свират, пеат, танцуваат и работат, не само тука, туку во сите театри, тука сум да ви кажам до кој степен сме загрижени за иднината на културата во земјата и во Европа“, рече тој. Преполниот театар еруптираше со аплауз, на кој, наводно, му се приклучил и Наполитано.
Стотици оперски работници од Џенова, Рим, Фиренца и други места мирно протестираа во близина на „Ла скала“ додека ВИП-личности пристигнуваа на она што беше општествен настан на миланската сезона, објави новинската агенција Асошиетед прес. Новинарите од АФП видоа како полицијата за спречување нереди се пресметува со околу 100 студенти што беа меѓу толпата. (Би-Би-Си) |