Во второто дерби на 2. коло на италијанската Серија А, Јувентус на „Олимпико“ ја совлада домашната Рома со 3:1, најмногу благодарение на бразилските магии кои ги презентираа Диего и Фелипе Мело. Диего ги постигна своите први погодоци во Италија. Стигна од Вердер и почна да покажува зошто торинскиот клуб за него плати 25 милиони евра.
Бразилецот го матира Бертањоли во 25 и 68. минута, а во судиското продолжение на списокот на стрелците му се придружи и сонародникот Фелипе Мело, довчерашниот фудбалер на Фиорентина. Даниеле де Роси во 35. минута им донесе надеж на римјаните, но продолжението беше апсолутно во знакот на Јувентус.
Иако, светските рекорди на неодамна завршеното СП во Берлин делуваат чудесно, Усеин Болт е уверен дека може да биде уште побрз на 100 и на 200 метри. Јамајчанецот овој викенд им беше гостин на фудбалерите на Реал Мадрид, на отворањето на новата сезона во шпанскиот шампионат. Во таа прилика уште еднаш проговори за своите можности.
„Мислам дека може да бидам побрз. Ќе постигнам нови големи работи во спортот“, кажа Болт, објаснувајќи потоа зошто навива за Манчестер јунајтед.
„Тој ми е најдрагиот клуб. Кога почнав да следам фудбал омилен играч ми беше Руд ван Нистелрој. Поради него сега го сакам Реал Мадрид. Имав трема кога излегов пред 80.000 гледачи на „Бернабе“ на мечот со Ла Коруња и чест ми беше што имав шанса да го запознаам Алфредо ди Стефано. Уживав во се'. Беше прекрасно“, изјави Болт, повторувајќи како со своите совети му помогнал на сегашниот фудбалер на Реал М. Кристијано Роналдо. „Обично, кога ја крева брзината, го налегнува телото напред. Јас го советував како да трча брзо што подолго“, потсети Болт.
На прашањето дали би трчал побрзо од Роналдо со топка во нозете како од катапулт одговори. „Дефинитивно. Мислам дека тој не би можел да ме победи. Сепак, јас сум најбрзиот човек во светот“.
Инаку, Болт на 25 септември ќе настапи на митингот во корејскиот Даегу, градот домаќин на наредното светско првенство. Организаторите не сакаа да кажат за која сума го обезбедиле Болт, но медиумите шпекулираат дека станува збор за 500.000 долари.
РЕАЛ ЕДВАЈ НА ОТВОРАЊЕТО
Резултати од првото коло во Примера: Реал М - Ла Коруња 3:2, Сарагоса - Тенерифе 1:0, Билбао - Еспањол 1:0, Малага - Атлетико Мадрид 3:0, Мајорка - Ксерез 2:0, Осасуна - Вилјареал 1:1, Сантандер - Гетафе 1:4, Валенсија - Севилја 2:0, Алмерија - Валјадолид 0:0. Вчера играа Барселона - Спортинг.
ШЕВЧЕНКО СЕ ВРАТИ ВО КИЕВ
Андриј Шевченко се врати во клубот од каде потекнува. Овој 32- годишен Укаринец потпиша двегодишен договор со Динамо Киев со што го оствари 10 години старото ветување дека на залез на кариерата ќе се врати во Киев. Шевченко во 1999 година мина во Милан за 25 милиони евра. Со овој клуб беше европски шампион во 2003 година, а наредната сезона и шампион на Италија. Во 2006 година замина во Челзи за сума од 46 милиони евра, но не беше ни приближно успешен како во Милан, каде беше позајмен во 2008.