Инди за Лоренсо по падот на Роси
Шпанецот ја намали на 25 поени предноста на лидерот во шампионатот
Шпанецот Хорхе Лоренсо ја оствари својата трета победа сезонава во Мото ГП, триумфирајќи во Индијанаполис откако паднаа лидерот во шампионатот Валентино Роси и Дани Педроса, кој стартуваше од пол-позицијата. Лоренсо, победник во две од првите четири трки годинава, влезе прв низ целта на познатата патека, оставајќи го 9,3 секунди зад себе Алекс де Анџелис од Сан Марино и враќајќи се во битката за титулата откако тимскиот колега од Јамаха, Роси, првпат сезонава не успеа да заврши трка.
Роси ја почна трката со предност од 50 поени во однос на Лоренсо, но таа се преполови на пет трки до крајот на сезоната. Надежите на Италијанецот завршија во деветтиот круг, кога падна додека се бореше со Лоренсо за водството. Тој повторно се качи на својата „јамаха“, но дефинитивно се откажа два круга подоцна. Ова е првпат да не заврши трка по Валенсија 2007.
Возачот на Хонда, Педроса, кој доминираше на тренингот и во квалификациите на „Индијанаполис мотор спидвеј“, падна во четвртиот круг додека беше во водство. Шпанецот ја продолжи трката и заврши десетти.
Американецот Ники Хејден им даде малку причини за славење на домашните фанови со освојувањето на третото место со својот „дукати“. |