Кој е претседател на Федерацијата?
Никако да се смират страстите во Пливачката федерација на Македонија по оставката на актуелниот претседател Зоран Алексов кој е избран за градоначалник на Штип. Циркусот да биде поголем, во еден ден се одржаа две изборни собранија на кои беа избрани двајца нови претседатели. И на двата собира, како што тврдат и едните и другите присуствувале претставници на 15 од 25 регистрирани клубови во Македонија!
Да почнеме со ред, со покани и закажано собрание на кое присуствувале и претставници на Агенцијата за млади и спорт, како и претставници со полномошно на 15 клубови за нов претседател, откако беше разрешено старото раководство, беше избран познатиот пливачки работник Марјан Соколовски, инаку тренер на ПК Акватик во Скопје а за потпретседатели се избрани Среќко Поповиќ (Скопје) за пливање, Боро Стефановски (Локомотива) за ватерполо и Томи Стефановски за маратонско пливање.
Со оглед дека ова беше втор обид за разрешување на старото раководство и сопките што го имаа при првиот обид, ангажираа дури и адвокат се со цел целата оваа иницијатива и изборното собрание да биде во согласност со законот и позитивните спортски прописи.
А сега втората приказна, за второто изборно собрание на Пливачката федерација одржано истиот ден од старото раководство кое никако не сакаше да одреди термин за одржување на Вонредно собрание што го бараа повеќето клубови. Откако веројатно прочитале во дневниот печат за најавата на одржување на собрание, и тие одржале собрание на кое не бил поканет ниту еден претставник од медиумите ниту претставник на Агенцијата за млади и спорт. Каде, не е познато, но важно е дека испратиле известување до јавноста дека собранието е одржано и дека за нов претседател, во присуство на претставници на 15 клубови е избран Александар Коцевски, директор на фискултурното училиште „Методија МИтевски - Брицо“. Зошто мораше да биде вака, оваа борба за превласт само негативно се одразува на пливањето во Македонија, на очајно слабите резултати што ги постигнуваат нашите пливачи на меѓународните натпревари. (М.М.) |