Форс Индија во шок по подвигот во Спа

Индија „полуде“ по второто место на Физикела, сопственикот Малја во делириум
Виџај Малја, сопственик на Форс Индија, изјави дека неговиот тим бил во шок по неделната трка во Спа Франкошамп, во која Џанкарло Физикела со второто место и' ги донесе првите поени и подиум во Формула 1 на екипата на која годинашната сезона и' е само втора во овој спорт.
„Ова е по малку состојба на шок. Секоја телевизија, секој канал, полудеа во Индија“, објасни тој.
Тоа беше повеќе од момент на сатисфакција за Физикела, кој го најави подвигот со шокантната пол-позиција што ја освои во квалификациите на една од патеките што бараат најмногу од возачите. Тој финишира само 0,9 секунди по победникот Кими Раиконен од Ферари откако раното влегување на безбедносното возило му овозможи на Финецот да му се доближи и потоа да го престигне користејќи го својот КЕРС.
„Пред да дојдеме овде мислевме дека би било фантастично да сме осми“, изјави Физикела, чијшто последен пласман на подиумот беше со Рено во 2006 година. „Втори сме. Ова е голем викенд за нас, во кој имавме и пол-позиција, но имајќи ја предвид нашата форма во трката, во која бев побрз од Кими, можно беше и да се победи“.
Италијанецот, за кој се типува дека ќе му биде тимски колега на Раиконен во Монца по уште едното слабо возење на резервистот Лука Бадоер, истакнува и дека немал среќа со безбедносното возило.
„На самиот почеток на осмиот круг имав предност од 2,5 до три секунди во однос на него и тоа беше совршено. Обајцата имавме исто количество гориво. Јас бев малку полесен и завршив многу добра работа зад безбедносното возило. Стануваше збор за иста стратегија и лесно можев и да победам, бидејќи бев побрз од Кими. Но, и второто место е фантастично. Навистина сум среќен поради тимот, поради себеси. Болидот беше навистина добар. Беше многу постојан и со меки гуми и со медиум. Навистина сум импресиониран од нашата форма и се надевам дека ќе продолжиме така“.
Малја изјави дека се' уште му е тешко да сфати што постигнал неговиот тим по 29 трки без освоен поен со болид што се влечеше на „опашката“ пред неколку месеци. Тајкунот од авиобизнисот и од производството на алкохолни пијалаци, познат како индиски крал на забавите, иташе да испие едно од своите студени пива во прославата.
„Ние се' уште сме мал тим, но, очигледно, доволно добар за да се искачи на подиумот и да освои некој поен и поради тоа сум многу среќен“, дополни тој. „Мислам дека по Австралија фер е да се каже дека никогаш не бевме ’фенерџии‘. Ние сме добар среден тим, кој станува се' подобар и подобар“.
Малја претходно му постави цел на својот тим годинава да се бори за поени и потоа да биде во позиција да се бори за подиум до првото Индиско гран-при во 2011. Прашан дали сега ќе ги промени целите, тој одговори: „Премногу е рано. Во моментов се борам сето ова да го сварам. За целите ќе разговараме подоцна“.
|