Во Њујорк тргна нападот врз Федерер

Почна УС опен, последниот гренд-слем турнир сезонава, а Швајцарецот и Серена Вилијамс ги бранат титулите
Фарко Шакири
Швајцарецот Роже Федерер во последните пет години е апсолутен владар на њујоршкиот бетон, има низа од 35 победи и пет титули едноподруго и со оглед на неговата форма, има големи шанси и оваа сезона да го освои пехарот во Њујорк, што би бил 16. гренд-слем во неговата кариера.
Ако се знае дека Федерер е фаворит број еден, според игрите во последната година може да се рече дека веднаш зад него е токму минатогодишниот финалист и светски рекет број 2, Британецот Енди Мареј. Зад овие двајца многумина го гледаат Шпанецот Рафаел Надал, па Новак Ѓоковиќ, Родик, Аргентинецот Хуан Дел Потро. Меѓутоа, шампионот на турнирот во 1989 година и некогашниот светски рекет број еден, Германецот Борис Бекер, не верува во играта на Шпанецот.
„Според мене, Надал е далеку зад Федерер и Мареј на листата на фаворитите. Јас дури би им дал предност на Ѓоковиќ и на Родик. Американецот после тоа што му се случи во Вимблдон, кога за малку го испушти Федерер, ќе биде гладен да му се реваншира на свој терен“, резонира Бекер.
Меѓутоа, долготрајната борба со повредените колена не ги намали амбициите на Шпанецот Надал на УС опен, кој објави дека во Њујорк стигна по наслов. „Не сум воопшто уплашен, иако два месеца бев надвор од терените. Овој месец стигнав до четврт-финалето во Монтреал и до полуфиналето во Синсинати. Знам дека на УС опен четврт-финале или полуфинале би било добар резултат, но јас дојдов да го освојам овој турнир. Кога еден ден ќе се пензионирам никој нема да се сеќава дали сум играл четврт-финале или полуфинале“, јасно ги потврди своите намери Рафаел Надал во однос на овој турнир, единствен кој го нема во својата колекција на гренд-слем триумфи.
Домашната публика ќе му биде наклонета особено на Енди Родик, шампионот од 2003 година. Родик е желен за успех во Њујорк, но пред тоа ќе мора да го „исфрли од системот“ вирусот наречен Роже Федерер и неговиот дуел во Вимблдон во неверојатни пет сета. Публиката може да му помогне да го преброди тој кошмар.
„После таков пораз, тешко е да прозбориш некој збор со кого било. Меѓутоа, не смеам да си дозволам премногу да размислувам за тоа“, вели Родик. Во тенисот никогаш не се знае, можеби веќе идната недела добивате шанса за реванш“, смета големиот шампион Пит Сампрас кој во Њујорк победуваше пет пати.
Од 1995 година не се случило двајца исти играчи да освојат едноподруго титули на „Флешинг“. Тогаш победуваа Пит Сампрас и Германката Штефи Граф. Сега таа можност ја имаат Федерер и Серена Вилијамс, но познато е колку е тешко да се освои трофеј на стадионот во Њујорк.
„Тешко е да се игра на УС опен. Секогаш е многу бучно, трибините се полни со гласни њујорчани. Авионите често ги прелетуваа терените, а секогаш има многу нешта што може да ви го одвратат вниманието од Менхетен. Треба да си ментално многу силен да се изборите против тоа и против ривалите“, констатира Борис Бекер.
Иако, Динара Сафина остана на местото број еден на најновата ВТА-листа, сепак, Серена Вилијамс (бранител на титулата) е фаворит број еден во Њујорк. Американката сезонава веќе има два триумфа на гренд-слем турнирите (Австралија и Вимблдон), а тоа и овозможува да игра опуштено. Неа сигурно ќе ја напаѓа Сафина, како и нејзината сонародничка Марија Шарапова, која по повредата успешно чекори кон нејзината стара игра. Во игра за трофејот може да влезе и Србинката Јелена Јанковиќ (минатогодишна финалистка) која во последно време игра се' подобро. Враќањето на Ким Клистерс (триумф на УС опен во 2005) на тениските терени е освежување меѓу женските редови, но и конкурентка која во секој случај заслужува внимание кога станува збор за насловот на „Флешинг медоу“.
Како и претходните години, пред турнирот се одржуваат различни егзибиции. „Детскиот ден Артур Еш“, наречен според некогашниот голем ас, стана традиција. Ана Ивановиќ и Американецот Дејвон Бритон играа против Џејмс Блек и Ким Клистерс. „Мечот“ траеше само седум минути, а со 8:5 славеше американско-белгиската комбинација. Присутните со имитација на Блејк ги забавуваше комичарот Вил Фарел.
Инаку, светската тениска елита на УС опен ќе игра за вртоглави 1.600.000 долари. Историјата на УС опен оди до 1881 година кога во „Големото јаболко“ почна да се одржува американското национално првенство за тенисери, а од 1887 година и официјално ја добива титулата на гренд-слем турнир. Подолга традиција има само Вимблдон кој е четири години постар. Од 1978 година наместо на трева УС опен се игра на тврда подлога. Колку американскиот гренд-слем е важен за тенисерите говори и фактот кој вели дека токму во Њујорк се простуваа два великана. Во 2002 година тоа го направи Пит Сампрас, а во 2006 година туку својот последен меч го одигра и Андре Агаси. Историјата по два пати во Њујорк ја пишуваа Штефи Граф, Џастин Анин, Моника Селеш, Габриела Сабатини. Меѓу останатите, четири пати славеше Џон Мекинро, три пати Иван Лендл, два пати Патрик Рафтер како и Штефан Едберг, но за учеството на овој Швеѓанец на УС опен врзана е една приказна со трагичен крај. Додека го играше јуниорското финале во 1983 година (кое и го освои), со топче го погоди линискиот судија во глава. Несреќникот падна на земја и почина. |