Хуманитарен спортски натпревар за Тоше Проески

Во чест нашата ѕвезда ќе се игра одбојка и мал фудбал викендот во Крушево
В недела во 12 часот во спортската сала во Крушево ќе се одржи хуманитарен спортски натпревар во мал фудбал и одбојка меѓу спортски легенди и пријатели на големата македонска музичка ѕвезда, Тоше Проески, кој трагично го загуби животот лани во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска.
Во тимот на спортските легенди, во мечот против одбојкарскиот Синалко, чиј член беше Тоше Проески, ќе настапат: Драган Мутибариќ (фудбал), Владимир Богоевски (одбојка), Пепи Манасков (ракомет), Благоја Георгиевски (кошарка), Зоран Докузовски (одбојка), Јошко Миленковски (одбојка), Горан Србиновски (одбојка), Шабан Сејдиу (борење), Индира Кастратовиќ (ракомет), Кочо Димитровски (фудбал), Тони Насковски (бокс), Лазе Поповски (кајак), Илија Најдоски (фудбал)и Назим Куртовиќ (карате).
На одбојкарскиот натпревар ќе претходи и меч во мал фудбал меѓу спортските легенди и ветераните на фудбалскиот клуб „Питу Гули“ од Крушево.
По спортскиот дел македонските легенди ќе го посетат манастирот „Св. Преображение“, чија изградба ја започна Тоше Проески, како и неговиот вечен дом. (С.Д.) |