Федерер, сепак, ќе игра на Мастерсот во Мадрид
Роже Федерер, сепак, се пријави за настап на турнир и покрај размислувањата да паузира до крајот на 2008 година. По три недели одмор тој вчера изнуди насмевка на лицата на организаторите на Мастерсот во Мадрид, потврдувајќи го своето присуство.
Последното излегување на терените Федерер го имаше во плеј-оф мечот во Дејвис купот меѓу Швајцарија и Белгија против Криштоф Флиген. На АТП-турнирите, пак, паузира од триумфот во Њујорк над Енди Мареј. Во меѓувреме, ја пропушти азиската турнеја и турнирите во Пекинг и во Токио, а неделава го откажа и настапот во Стокхолм. Како изговор ја наведе преболената мононуклеоза на почетокот на сезоната, поради која се' уште трпи последици, и оти повеќе од потребен му е одмор. Меѓутоа не сака да го пропушти 2,27 милиони евра вредниот Мастерс во Мадрид наредната недела.
Поранешниот вимблдонски победник Маноло Сантана, директор на мадрискиот Мастерс, ја сподели радоста со новинарите за добрата вест: „Навистина е прекрасно што ќе имаме можност и годинава да го нагостиме Роже Федерер. Вака освежен сигурен сум дека и овојпат ќе не' одушеви со неговата игра“.
Федерер (27) го освои Мастерсот во Мадрид во 2006, а лани загуби од Аргентинецот Давид Налбандијан. Ако мечевите се одвиваат според планот, вториот носител Федерер и првиот, Рафаел Надал, ќе се сретнат во финалето.
|