Хамилтон и Маса очекуваат израмнета битка во Јапонија

Двајцата најсериозни претенденти за титулата светски првак во Формула 1 сезонава, Луис Хамилтон и Фелипе Маса, очекуваат израмнета битка во трката за Големата награда на Јапонија викендов, но дождот би можел да му донесе решавачка предност на возачот на Мекларен. Додека тренингот вчераутро помина во сончево време, можната реприза на силниот дожд од лани се очекува да му оди на рака на Хамилтон со оглед на тоа дека токму во такви услови Британецот победи пред 12 месеци. Сепак, иако се очекува да врне за време на денешните квалификации, за в недела прогнозата е суво време, што би значело еднакви шанси за Хамилтон и за Маса.
„Болидот е таков каков што очекував - многу постојан на оваа патека и многу сум среќен поради тоа. Во добра положба сме“, изјави лидерот во вкупниот поредок, кој беше најбрз на првиот тренинг, а на вториот забележа трето време. „На суво ќе бидеме многу израмнети со Ферари, а на влажна патека сметам дека ние ќе бидеме многу компетитивни“.
Но, Маса, кој и двата тренинга ги заврши веднаш зад Хамилтон, имаше само незначително заостанување во однос на ривалот од Мекларен, што исто така навестува блиска борба.
„Времињата по кругови беа многу изедначени. Мојот болид функционираше добро во првиот круг, исто така и на долгите правци. Доста задоволен сум од овој ден и од тоа како се однесуваше возилото“, изјави Бразилецот. „Мислам дека ќе биде многу израмнето, но сметам и дека ние се движиме во вистински правец“.
Форс Индија преговара со Мекларен
Дебитантскиот Ф1-тим Форс Индија, според „Аутоспорт“, преговара со Мекларен за водечкиот во шампионатот на конструкторите да ги снабдува со мотори од „Мерцедес“ и да им даде техничка поддршка следната сезона. За возврат, „фенерџијата“ би го ангажирал британскиот возач Пол ди Риеста, протежиран од Мекларен. |