„Тојота“ нов спонзор на ФФМ

Познатиот производител на автомобили в понеделник ќе и' додели на ФФМ возило од марката „тојота јарис спорт“
Сашко Ѓ. Димовски
Примерок на новиот модел на „тојота јарис спорт“ в понеделник ќе и' биде даден на постојано користење на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) со што и официјално ќе биде претставен спонзорскиот договор меѓу ФФМ и познатиот јапонски производител на автомобили.
Фарбањето на возилото е во завршна фаза. Новиот член на застарениот возен парк на ФФМ ќе биде со црвена боја, на него ќе го има македонското знаме, логото на Федерацијата и натпис дека Тојота е официјален спонзор на ФФМ. Покрај ова, јапонскиот автомобилски гигант ќе и' додели на ФФМ уште две возила по нејзин избор во почетокот на 2009 година, а Тојота се обврза да ја опслужува ФФМ со автомобили на времено користење за секоја поголема активност на Фудбалската федерација на Македонија во иднина.
„Не бараме милостина од никого. Ние како Федерација бараме партнери кои го сакаат фудбалот и сакаат да го поддржат. Тојота е еден од нив и ми претставува голема чест што постигнавме договор за спонзорство со еден така реномиран бренд во автомобилската индустрија како што е Тојота. Но, не застануваме тука. Секоја Фудбалска федерација како спонзор треба да има една авто-куќа, банка, мобилен оператор, пивара, итн.... Пратени се понуди до сите комапнии од наведените сфери, дел од нив ни' возвратија позитивни сигнали и се надевам дека наскоро ќе бидеме во можност да објавиме повеќе договори за спонзорства“, ни' изјави претседателот на ФФМ, Харалампие Хаџиристески.
По договорот со Тојота, Хаџиристески најавува дека се размислува за обновување и на комплетниот возен парк на Федерација кој е во лоша состојба. Затоа Хаџиристески порачува дека ФФМ во догледно време ќе објави лицитација за оттуѓување на возилата во нејзина сопственост и нивно постепено заменување со нови, модерни, удобни и функционални како што се оние на Тојота. На лицитација ќе се најдат големиот автобус, едно комбе и еден пасат.
„Големиот автобус е во лоша кондиција и тој мора да биде понуден на лицитација. Не го поседува потребниот квалитет и во секој момент знае да откаже поради дефект. Речиси и да не го користиме. Сениорската репрезентација многу ретко се превезува во него од хотел до стадион или до аеродром. Може да откаже, тоа да создаде нервоза кај фудбалерите и да се наруши одлична атмосфера во националниот тим. Затоа често се одлучуваме да изнајмуваме автобус за нивните потреби“, вели Хаџиристески.
Платини ќе ја посети Македонија во февруари или март
Французинот Мишел Платини ќе допатува во Македонија во февруари или март што ќе биде негова трета посета на нашата земја, прва во својство на претседател на Европската фудбалска федерација (УЕФА).
Потврда на посетата на првиот човек на УЕФА и официјално пристигна во ФФМ. Гостувањето на Платини во Македонија доаѓа како резултат на средбата меѓу него и Хаџиристески на последниот состанок на УЕФА во Женева. До крајот на 2008 година Платини ќе оствари официјални посети на Бугарија и Албанија.
На 19 ноември пријателски меч со Црна Гора во Подгорица
Македонската фудбалска репрезентација во гости ќе финишира со активностите за 2008 година. По претстојниот дуел во Ре��кјавик против Исланд во квалификациите за СП 2010, момчињата на Среќко Катанец на 19 ноември ќе гостуваат во Подгорица каде ќе го одиграат првиот дуел со селекцијата на Црна Гора.
Квалификациите за СП 2010 ќе ги продолжиме на први април во Амстердам против Холандија. Дотогаш Фудбалската федерација на Македонија и селекторот Катанец заеднички ќе одлучуваат за калиброт на противниците за пријателски натпревари, во термините на УЕФА, до реваншот со „лалињата“. Освен тест меч со соседите, во комбинација се и репрезентациите на Украина и Шведска.
Пандев посакува скудето со Лацио
Македонскиот репрезентативец и напаѓач на римски Лацио, Горан Пандев, во изјава за интернет порталот „Тоталспорт“, го потвдри интересот што за него го имаат Фиорентина и Баерн Минхен, но порача дека сака да остане во Лацио, а објасни и зошто.
„Вистина е дека имаше интерес за мене од Фиорентина и Баерн Минхен. Се јавуваа нивни луѓе меѓутоа јас сакам да останам во Лацио и да го освојам скудетото. Откако ќе се случи тоа може и да се пензионирам“, изјавил Пандев за „Тоталспорт“.
Воедно тој истакна дека во моментот се водат преговори за евентуалното продолжување на неговиот договор со лацијалите.
„Не знам дали ќе успееме да се договориме. Ако не ги усогласиме желбите тогаш по завршувањето на актуелниот договор со Лацио ќе го напуштам клубот и Серија А. По времето минато во Рим сакам да заминам некаде подалеку, да речеме во Реал Мадрид“, заврши Пандев.
|