Во Пелистер сите го чекаат претседателот
Дали денес, конечно, во Битола ќе се појави претседателот на Пелистер, Ванчо Атанасов, кој веќе подолго време го нема во градот под Тумбе-кафе. Во телефонскиот разговор со секретарот на клубот, поранешниот играч на Пелистер, Ванчо Мицевски, кој најави дека во текот на денешниот ден ќе допатува Ванчо Атанасов во Битола, бидејќи натрупаните проблеми и финансиската криза бараат итно решавање на ситуацијата.
„Претседателот вети дека ќе допатува во Битола заеднички да почнеме да ги решаваме проблемите“, ни кажа Ванчо Мицевски.
„Имаше проблеми и пред патот за Тетово, но претседателот обезбеди автобус со кој отпатувавме на средбата со Шкендија, како и ручек за играчите. Верувам дека денес ќе имаме заеднички состанок и со играчите и со него, бидејќи и тие очекуваат да им се исплати дел од натрупаните долгови, односно плати и премии заостанати уште од минатата сезона. Свесни сме дека клубот се наоѓа во незавидна положба на табелата, имаме малку бодови, само пет, и не' очекува тешка борба за опстанок. Верувам дека со решавањето на најгорливиот проблем, финансирањето на клубот, ќе успееме да се стабилизираме и да се спасиме од испаѓање. Сега се' е во рацете на претседателот Атанасов, бидејќи во градот наидуваме на затворени врати каде и да побараме финансиска помош“, додава Мицевски, кој е презадоволен од приемот во Тетово и од коректната игра на играчите на Шкендија.
„Немаше ниту еден остар старт, навивањето беше коректно и би сакале на сите терени каде што ќе игра нашиот клуб да биде како што беше во Тетово“.
По првиот дел од првенството, по 11 кола, Пелистер е на претпоследното место на табелата со само пет бода, со една победа (Брегалница) и две н��решени игри (Тетекс и Металург) - сите три на домашен терен. (М.М.) |