Грд потег на Стојковиќ - плукна на својот бивш клуб
Фудбалерите на Црвена звезда ги заболе поразот од Партизан на својата „Маракана“ (0:1), но и потегот на некогашниот голман на црвено-белите Владимир Стојковиќ.
Голманот на Партизан, кој беше сурово нападнат од српските хулигани во Џенова пред мечот Италија - Србија, под дресот носеше маичка на која пишуваше: „Простете ми го моето грдо минато“, што наиде на згрозеност и бес во таборот на вечниот ривал.
„Не сфаќам зошто ја покажа таа порака. Не треба дополнително да ги иритира навивачите“, истакна играчот на Црвена звезда, Огнен Короман.
Бившиот голман на некогашниот европски шампион, Стеван Дика Стојановиќ, беше далеку поостар во осудата, кажувајќи дека со овој потег Стојковиќ плукнал на црвено-белите.
И Душан Савиќ беше огорчен: „Покажа дека е незрела личност. Поради тоа и натаму ќе биде под притисок и закани. Самиот себе си прави лошо“.
Додека портпаролот Марко Николовски истакнува дека маицата зборува за моралните квалитети на оној што ја носи, некогашниот напаѓач на Црвена звезда, Драгиша Биниќ, беше најрадикален во своите ставови. „Грозно. Стојковиќ се откажа и од своите тренери во Звезда, без кои денеска немаше да биде голман на репрезентацијата“.
Фабрегас: Ќе го победевме Сити и да играше со 15 фудбалери
Арсенал, како во Лигата на шампиони, така и во Премиер-лигата, покажа зошто се смета за еден од најсилните тимови во Европа.
Со головите на Насри, Сонг и на Бендтнер „топчиите“ го уништија Манчестер Сити со 3:0, а еден од најдобрите на теренот беше Цеск Фабрегас, кој промаши пенал.
Сепак, прашање е како ќе завршеше средбата ако Давид Силва во првата минута од стопроцентна шанса го совладаше Фаб��јански. Набргу потоа се случи и клучниот момент. Во петтата минута како последен играч од одбраната Бојата го сруши Шамак и доби црвен картон. Арсенал потоа рутински го користеше вишокот простор и освои важни три бода. „Знаевме дека не смее да дозволиме исклучување на некој наш играч, бидејќи така ќе се израмнеа силите на теренот. Меѓутоа, и да имаа 15 играчи, а ние 11, пак ќе ги победевме. Толку сме подобри. Арсенал секогаш оди на победа. Ако играме како против Сити тешко може некој да не' запре“, вели Фабрегас.
Конечно, победи и Манчестер Ј. и тоа на гостувањето кај Стоук со 2:1, а и двата гола ги постигна Мексиканецот Хернандез.
Табела: Челзи 22, Арсенал 17, Манчестер Ј. 17, Манчестер Сити 17, Тотенхем 15, ВБА 15... |