Поп Ацев останува шести севкупно
Откажан последниот маратон во Фуџаира поради смртта на пливач од САД за време на трка
Македонскиот пливач Евгениј Поп Ацев, најверојатно, ќе остане на шестото место во вкупниот поредок од годинашната Гран-при серија на ФИНА во маратонско пливање со 51 поен. Последната трка што требаше да се одржи утре во Фуџаира, Обединети Арапски Емирати, е откажана поради смртта на американскиот маратонец Френсис Крипен за време на финалната трка од Светскиот куп во маратонско пливање на 10 км во саботата, исто така во Фуџаира. Според официјалното соопштение на ФИНА, одлуката е донесена во знак на почит кон 26-годишниот пливач, кој почина поради „интензивни напори“.
„Медицинскиот извештај потврди дека пливачот бил екстремно уморен и тоа е причината зошто ја загубил контролата во текот на натпреварот. Тој умрел поради напорот што го вложил за да ја заврши трката“, изјави Ајман Саад, извршен директор на Пливачката федерација на ОАЕ.
„Станува збор за несреќа, ужасна несреќа“, дополнува претседателот на ФИНА, Џулио Малјоне, според кој организаторот нема вина. „Крипен го информирал својот тренер по испливани осум километри дека не се чувствува добро. Сепак, продолжил и бил пронајден во морската длабочина два часа подоцна“.
На најдобриот пливачки маратонец на денешницата Петар Стојчев, кој учествуваше во трката, ден подоцна му беше роденден.
„Овој ден никогаш нема да го заборавам, посебно поради тоа што е толку блиску до мојот роденден. На маратоните пливам од 1993 година и ова е првпат да бидам сведок на ваков инцидент. Френ беше екстремно добар пливач. Треба да останеме позит��вни и да овозможиме нашиот спорт да продолжи понатаму“, вели повеќекратниот победник во Охрид.
По досегашните девет трки годинава Стојчев е прв со 107 бода, втор е Дамјан Блаум од Аргентина со 95, трет Родолфо Валенти од Италија со 61, а пред Поп Ацев се и Италијанецот Андреа Волпини и Германецот Александар Стуџински со по 52. Александар Панчевски е 26. со шест бода, а Александар Илиевски и Дејан Младеновски со по четири поени го делат 31. место.
Со шестото место во вкупниот поредок Поп Ацев го исполнува условот за стипендија од Агенцијата за млади и спорт, каква што од пливачките маратонци пред него добија Теодора Раптис и Томи Стефановски. (Р.Д.) |