Марјан Митков со норма за велемајстор
Стојчевски избори норма за интермајстор на Европскиот шаховски клупски куп во Пловдив
Роберт Димитриевски
Покрај по успешниот настап на Гамбит Асеко, кој го освои 22. место меѓу 49 екипи, завршувајќи три позиции повисоко од стартниот ранкинг, интермајсторот Марјан Митков (рејтинг 2392) и ФИДЕ-мајсторот Зоран Стојчевски (2355) ќе го паметат 26. Европски клупски куп во Пловдив и по своите поединечни остварувања. Обајцата изборија норма - Митков за велемајстор, а Стојчевски за интермајстор, благодарение на идентичниот резултат од 4,5 освоени поени од седум одиграни партии, кои им донесоа по 22 рејтинг-поена. Митков на втората табла забележа три победи, три ремија и еден пораз, остварувајќи перформанс 2634, а Стојчевски со идентичен ефект одигра на ниво на шахист со рејтинг 2525.
„Задоволен сум што и како екипа одигравме одличен турнир и поради тоа што ја исполнив првата норма за велемајстор. Штета што во претпоследното коло направив тежок превид, кој ме чинеше пораз од англискиот интермајстор Ендрју Леџер (2430), бидејќи со цел поен во таа партија најверојатно ќе освоев медал на втората табла“, вели Митков, кој беше и капитен на Гамбит Асеко во Пловдив.
Две години постариот брат на првиот Македонец со највисоката шаховска титула Никола Митков е интермајстор од 2001 година. Тој беше дел и од селекцијата што го оствари најголемиот екипен успех во историјата на древната игра во Македонија со делбата на седмото место на Шаховската олимпијада 2000 во Истанбул.
Македонија моментално има осум велемајстори. Покрај Никола Митков, таа титула ја имаат и Владимир Георгиев, Трајче Недев, Звонко Станојоски, Драгољуб Јаќимовиќ, Влатко Богдановски, Роландо Кутиров и Тони Најдоски. Две години на листата на Шаховската федерација на Македонија беше и Кирил Георгиев.
За добивање на велемајсторската титула се потребни две исполнети норми и рејтинг над 2500 поени.
М. Митков - Арланди
1. д4 Сф6 2. ц4 г6 3. Сц3 д5 4. Сф3 Лг7 5. ц:д5 С:д5 6. г3 ц5 7. Лг2 ц:д4 8. С:д4 С:ц3 9. б:ц3 О-О 10. О-О а6 11. Дб3 Дц7 12. Тб1 Сд7 13. Ла3 Се5 14. Тфд1 Те8 15. Лц1 Сд7 16. Лд5 е6 17. Лф4 Се5 18. Лг2 Те7 19. Сф3 С:ф3+ 20. Л:ф3 е5 21. Лг5 Те8 22. Лд5 Тб8 23. Дб6 Д:б6 24. Т:б6 Ле6 25. Л:е6 Т:е6 26. Т:б7 Тф8 27. Тдд7 х6 28. Ле7 Тц8 29. Лб4 Тф6 30. Ле7 Тф5 31. Тбц7 Т:ц7 32. Т:ц7 е4 33. ц4 Та5 34. Тц8+ Кх7 35. а3 Лб2 36. Лб4 Та4 37. ц5 Л:а3 38. Лц3 г5 39. ц6 Тц4 40. Ле5 Кг6 41. ц7 Кф5 42. Те8 ф6 43. г4+ К:г4 44. Лг3 ф5 45. ц8=Д Т:ц8 46. Т:ц8 ф4 47. ф3+ 1-0 |