Активноста на советниците под лупа на „Мост“
Активноста на 110 советници во шест урбани и рурални општини - Штип, Гостивар, Крива Паланка, Дебарца, Осломеј и Могила, годинава ќе биде под лупата на граѓанската асоцијација „Мост“. Граѓаните преку проектот „Одговорна, транспарентна и кооперативна локална самоуправа“, ќе добијат информации за ефектот на советниците, за процесот на јавните набавки, а ќе можат и да дебатираат за приоритетите на општините.
Собраните податоци, на шест месеци, во печатено издание ќе се достават до 172.000 граѓани, а ќе бидат достапни и на Интернет-страница што ќе ја подготви и ќе ја одржува „Мост“. Првите резултати, кои ќе покажат колку се вклучени и иницијативни советниците за време на седниците на советите, ќе бидат презентирани во јули.
„Целта е да им обезбедиме на граѓаните поголем број информации за работата на нивните претставници во општините. Со тоа очекуваме да поттикнеме поголемо граѓанско учество во донесувањето одлуки и во креирањето политики“, објасни на вчерашната прес-конференција, Дарко Алексов, извршен директор на „Мост“. Тој изнесе алармантен податок, според кој, дури осумдесет проценти од жителите на општините не ги познаваат оние што ги претставуваат во општините. „Без оглед на партиската припадност, сакаме да ги доближиме советниците до нивните гласачи. На тој начин создаваме канал за комуникација. Граѓаните ќе дознаат кој ги претставува на општинско ниво“, додаде Дарко Алексов.
За реализација на проектот, градоначалниците Арсенчо Алексовски, Зоранчо Алексов, Руфи Османи, Славко Велевски и Љупчо Којчиноски, потпишаа меморандум за соработка со кој недвосмислено ја искажаа подготвеноста за отвореност и соработка на општините со граѓаните.
„Ќе дадеме отворен придонес за јавно менаџирање, кој досега беше девалвиран. Проектот ќе придонесе за значително зголемување на одговорноста на советниците, но и за отчетност на комисиите за јавни набавки“, изјави градоначалникот на Гостивар, Руфи Османи.
Изборот на општините е направен согласно со однапред утврдени критериуми, географска местоположба, демографски карактеристики, бројот на жители, советници и вработени во локалната администрација. (К.Ч.) |