ДУИ во улога на опозиција на власта
Во претходната коалиција либералите и новите социјалдемократи ја имаа сегашната позиција на ДУИ
Светлана Унковска
„Природно е да постојат разлики меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, што во демократијата тоа се смета за природно“. Оваа мисла ја искажа лидерот на ДУИ, Али Ахмети, завчера во тетовско Желино, кога во стилот на неговиот коалициски партнер, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, ја прослави годишнината од победата на локалните избори.
Што подразбира Ахмети под природно постоење разлики меѓу владините партнери - не објасни докрај. Дали мислеше на „природниот стил“ на комуникација со константното провоцирање од поголемиот партнер и разидувањата за серија прашања што ги влошуваат меѓуетничките односи во државава!? Но, што и да сакаше да каже лидерот на интегративците со изјавата беше во стилот на тоа дека нема да има трета светска војна ако не се реши спорот со името, на крајот, успеа да ги смири моментните искри. А, како на секое послушно дете, веднаш му стасаа пофалбите. Неговата изјава дека ако не се реши спорот со името до јуни, нема да ја напушти Владата, премиерот Груевски ја оцени како зрела и разумна.
Што е тоа што толку брзо го вразуми Ахмети, па веднаш се повлече и се врати на позицијата на владејачка опозиција, каде што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го држи уште при самото формирање на власта кога под мораториум ги стави прашањата од меѓуетнички карактер. Ваквиот феномен на опозиција во власта не е ексклузивно промовиран од ДУИ. Таков статус добиваат партнерите кои не и' се по волја на ВМРО-ДПМНЕ. Во претходната коалиција тоа беше случај и со либералите и со новите социјалдемократи. Но, и покрај подредениот однос, ниту еден од нив не ја напушти власта, а партиите политички ослабеа до критична точка.
Балансот на ДУИ и натаму во истурените редови на интегративците останува да го одржуваат само неколку членови на партијата. Потпретседателката Теута Арифи не отстапува од постојаните критики поради однесувањето на доминантниот партнер и неговиот лидер. Таа во последната колумна ги искритикува и своите колеги-пратеници од владејачката партија, затоа што го изгласаа антидискриминаторскиот закон, оценет како неевропски. Таа вели дека пратениците станале заложници на Владата и дека по својот карактер имаат егзекутивна демократија со претензии да стане егзекуторска и дека во оваа „цицибан земја“ се знае кој одлучува за се' и сешто. Но, повторно тоа останува во доменот на лично мислење, затоа што овој закон помина со гласовите на нејзините сопартијци, а и Ахмети го оквалификува како „компромис меѓу конзервативната средина и желбата за интегрирање“. Слично се однесува и пратеничката Ермира Мехмети-Деваја, која на неодамнешната дебата на една скопска телевизија ја нападна координаторката на ВМРО-ДПМНЕ,Силвана Бонева, небаре е опозиционерка и колешка на Бучковски.
И покрај тоа што лидерот на ДУИ убедува дека ако не се реши прашањето со името, тие не планираат да го свртат листот и со тоа да предизвикаат владина криза, сепак, политичките аналитичари се убедени во спротивното.
„Тој нивни дуален однос на опозиција во власта е поради тоа што се трудат да ги урамнотежат односите. Не дека не знае ДУИ да биде рамноправен владин партнер. Тоа го видовме претходно, кога за партнер ги имаа СДСМ, но сега некои работи не им одат во прилог поради бројот на пратениците што го има ВМРО-ДПМНЕ“, оценува политичкиот аналитичар Алберт Муслиу. Тој вели дека се свесни оти ја губат поддршката кај албанскиот електорат, што се покажува и со анкетите. Од друга страна, вели Муслиу, и партиското членство покажува дека го губи трпението, па затоа, одредени ставови на високи функционери на ДУИ не кореспондираат со оние на нивниот лидер.
„Ситуацијата им виси на конец. Но, нема да пукне до крајот на шпанското претседателство, а по јуни приказната ќе се смени. Маневарскиот простор на ДУИ се стеснува и оваа партија нема да може да си дозволи повторно да и' подари уште еден грејс-период на ВМРО-ДПМНЕ. По се' изгледа, по јуни, партијата на Ахмети повеќе ќе гледа на својот интерес, отколку на коалицискиот, како што беше досега “, прогнозира Муслиу. |