МАТ ќе биде чартер-компанија и ќе го издава „боингот“ во странство
Авиопревозникот нема да оди под стечај, туку уште еднаш ќе се обиде да застане на нозе
Сања Наумовска
МАТ ќе работи како чартер-компанија и го издава својот „боинг“ на странски авиокомпании за да се извлече од финансиската криза во која се наоѓа, тврдат во компанијата. Авиопревозникот нема да оди под стечај, како што се шпекулира подолго време во јавноста, туку уште еднаш ќе се обиде да застане на нозе. Авионот на единствениот македонски редовен авиопревозник е веќе избришан од македонскиот регистар, по барање на МАТ. „Боингот“ се' уште се наоѓа во Белград во сервисот на „ЈАТ ервејз“, од каде што веројатно ќе лета за други компании.
Од друга страна, пак, вработени во компанијата тврдат дека се подготвува затворање на МАТ, а превозот на патници ќе се врши преку новорегистрираната компанија „МАТ ервејз“. Оваа компанија се' уште нема лиценца за работа од Агенцијата за цивилно воздухопловство. „МАТ ервејз“ нема да се занимава со одржување редовни линии кон европски и светски дестинации, туку ќе организира исклучително чартер-летови.
Вработените во МАТ стравуваат и за судбината на своите работни места, затоа што, како што тврдат, таму подолго време владее хаос. Голем дел од нив не доаѓаат на работа, ниту, пак, имаат редовна плата. „За работа на една чартер-компанија не се потребни толку вработени како кај редовен авиопревозник, што значи дека не' очекуваат отказни решенија“, велат тие.
Раководството на нашиот национален авиопревозник, пак, засега официјално не сака да ги потврди идните планови на компанијата. Оттаму не објаснуваат како ќе функционира авиопревозникот со оглед на тоа што на почетокот на месецов му истече и дозволата за работа, а во меѓувреме од Агенцијата нема побарано продолжување.
Поради неколкумесечната пауза направена за да се сервисира носната нога, а потоа и моторот на единствениот авион, МАТ го изгуби континуитетот во одржувањето на редовните линии кон Истанбул, Цирих и Виена. Претходно, поради долгови кон ЕУРОКОНТРОЛ, на МАТ му беше забрането летање кон дестинации во Германија и во Италија, со што практично беа стопирани уште три редовни линии.
Во тој период се наруши и соработката со партнерските компании што мораа да ги преземаат патниците на МАТ, кои, пак, многупати се случуваше и да останат по аеродромите низ светот со карти купени во македонската компанија.
Поради поправките, МАТ ја пропушти и главната сезона во текот на летните месеци, кога практично се покриваат финансиските загуби од целата година. Во авиопревозникот за ова виновник гледаат во Агенцијата за цивилно воздухопловство, која пролетва го приземји „боингот“ и од МАТ побара замена на предното тркало. Во тој момент актуелни беа и преговорите за спојување со „ЈАТ ервејз“, кои во меѓувреме беа стопирани. |