Прочистувањето од 1 октомври
Прочистувањето на регистарот со гласачи тргнува од 1 октомври, а ќе се проверуваат податоци за 90.000 избирачи во Гостивар и во Виница. Ова го одлучи вчера владината Работна група за изработка на методологијата за ажурирање на Избирачкиот список во која има претставник и од Државната изборна комисија.
Дали има пропусти, аномалии и виртуелни гласачи ќе покаже истражувањето во двете пилот-општини, најдоцна за шест месеци, до 1 април 2010 година. Според последните податоци, во Избирачкиот список на Гостивар се евидентирани 73.030 гласачи, а во Виница 17.355 граѓани со право на избори.
Од Работната група потенцираат дека станува збор за сериозна и за многу обемна работа која подразбира вкрстување податоци. Имено, ќе се отвораат картотеките на лични карти, книгите на родените и книгите на умрените. Овие податоци ќе се впаруваат со оние што ги содржи Избирачкиот список. Доколку се утврдат нелогичности или исти идентитети, тогаш тие ќе бидат коригирани, а евентуалните вишоци избришани. Во овој дел од работата ќе бидат вклучени Министерството за внатрешни работи и Матичната евиденција. (К.Ч.)
|