Целијакија во подоцнежните години
Станува збор за автоимуна болест, која е се' поприсутна кај постари луѓе, покажа неодамна објавената студија
Целијакијата, автоимуна болест што го погодува секој 133. Американец, е се' поприсутна кај постари луѓе, покажува неодамна објавената студија во „Анали на медицината“ што ја подготви Центарот за истражување на целијакија при Медицинскиот факултет на Универзитетот од Мериленд.
Целијакијата ги оштетува тенките црева поради автоимуната реакција на глутен, протеин што се наоѓа во пченицата, јачменот и ’рж - кои се дел од многу вообичаени продукти, како што се леб, тестенини и колачи. Симптомите се дијареја, стомачни болки и надуеност. Со студијата беа опфатени 3.511 доброволци, кои дале примероци од крв во 1974 и во 1989 година, а ажурирања се правеле секои две до три години, се' до 2007 година.
„Оваа студија го потврдува концептот дека целијакијата може да се јави на која било возраст, бидејќи истражувачите ги испитуваа истите луѓе со текот на времето“, вели Џозеф Мареј, гастроентеролог од Клиниката „Мајо“. Истражувачите утврдија дека инциденцата на целијакија двојно се зголемувала секои 15 години од 1974 година, и тоа како што пациентите старееле, па кај некои оваа болест се јавила во 50-тите или во 60-тите години.
Ако некој може да биде толерантен на глутен 40 или 50 години пред да добие целијакија, тогаш еколошките фактори можат да ги надминат генетските причини за оваа болест, вели Алезио Фасано, директор на Центарот за истражување на целијакија, што ја предводеше студијата. Тој смета дека други непознати еколошки промени и промени во „составот на бактериите во нашиот стомак“ можеби предизвикуваат подоцна да се јави автоимунитет кон глутен.
Доколку научниците можат да го сфатат тој процес, можеби „ќе најдат начин да ја спречат автоимуната болест“, вели Фасано. (УСА тудеј) |