Ракот е создаден од човекот
Научниците нe најдоа никакви траги од лошата болест кај египетските мумии
Ракот е болест создаден од човекот, предизвикана од прекумерностите на современиот живот, покажа студијата на античките остатоци. Туморите биле ретка појава се' до поново време кога загадувањето и слабата исхрана станале важни фактори, покажува прегледот на литературата за мумии, фосили и класичната литература. Пошироки сфаќања за потеклото би можеле да доведат до лекување на таа болест, која секоја година згаснува над 150.000 животи во Велика Британија.
И покрај тоа што се рехидрирани парчиња од ткиво на стотици египетски мумии, потврден е само еден случај на рак, иако туморите би требало да бидат подобро зачувани со мумификација отколку здравите ткива.
Доказите кај фосилите, исто така, се ретки и кај нив се утврдени само неколку десетици, главно, спорни примери, објавува списанието „Нејчр ривју канцер“. Во студијата со која беа проучувани илјадници коски од неандерталци е потврден само еден пример на можна состојба на рак. Според референците во античките египетски текстови, проблемите што личеле на рак, веројатно, биле предизвикани од лепра или проширени вени.
Истражувачот Мајкл Цимерман, визитинг-професор на Универзитетот во Манчестер, вели: „Виртуелното отсуство на малигни состојби кај мумиите мора да се интерпретира како индикација за нивната ретка застапеност во античко време. Тоа укажува дека факторите што предизвикуваат рак се ограничени на општества погодени од современата индустријализација“.
Античките Грци, веројатно, први го дефинирале ракот како специфична болест и правеле разлика меѓу бенигни и малигни тумори. Истражувачите истакнуваат дека не е познато дали тоа сигнализира реално зголемување на оваа болест или само поголеми медицински сознанија.
Првите описи на хируршки зафати за рак на дојката и други видови рак потекнуваат од 17 век, додека првите информации за специфични видови тумори се од пред 200 години. Тука спаѓаат информациите за рак на скротумот кај оџачарите во 1775 година и рак на носот кај корисниците на бурмут во 1761 година.
Професор Розали Дејвид вели: „Во природната средина нема ништо што може да предизвика рак. Значи, станува збор за загадување и промени на исхраната и животниот стил. Важен момент од нашата студија е дека дава историски преглед на оваа болест. Податоците од милениумот му даваат јасна порака на современото општество - ракот е создаден од човекот, и тоа е нешто што ние можеме и треба да го решиме“.
Доктор Рејчел Томпсон од Светскиот фонд за истражување на ракот вели дека здрава исхрана, редовно вежбање и одржување на здрава телесна тежина можат да помогнат да се спречи една ретина од вообичаените форми на рак. „Можеби животниот стил на нашите предци го намалил ризикот за рак“, додава таа. (Дејли мејл)
|