Дијагноза на рак на простата преку анализа на урината
Протеинот познат како МСМБ е присутен на намалено ниво кај мажите на кои е дијагностицирана оваа болест
Британските научници се чекор напред до развивањето едноставен тест од урина за да се идентификуваат мажите изложени на ризик да заболат од рак на простата. Тие открија дека протеин од урината претрпува генетички промени што се поврзуваат со ракот на простата. Потребни се повеќе испитувања, но нивната работа би можела да доведе до развој на сигурна анализа што би чинела 5,50 фунти.
Ракот на простата е најчестата форма на рак кај мажите во Велика Британија �� секоја година од таа болест умираат околу 10.000 мажи. Во Велика Британија засега не постои рутинска скрининг-програма, иако мажите со семејна историја на оваа болест можат да направат анализа на крв за антиген специфичен за простата (ПСА), со цел да се откријат знаците на болеста. Меѓутоа, анализата не е многу точна и иако 10 до 15 отсто од мажите што имаат доволно високо ниво на ПСА можат да направат биопсија на простата, само 2 до 3 отсто имаат потреба од лекување.
Истражувањето објавено во списанието „Паблик лајбрари оф сајенс ОНЕ“ покажа дека протеинот познат како МСМБ, е присутен на намалено ниво кај мажите кај кои е дијагностицирана оваа болест. На нивото на протеинот влијае и агресивноста на туморот.
Доктор Хејли Витакер од Истражувачкиот институт во Кембриџ на британската добротворна организација „Истражување на ракот“, кој ја водеше студијата, вели: „Прегледавме ткива и урина на над 350 мажи, со и без рак на простата за да утврдиме колкаво количество од МСМБ имаат тие. Потоа прегледувавме кој има генетички промени. Беше навистина возбудливо кога утврдивме дека генетичките промени и количеството на протеинот се поврзани. Протеинот лесно се открива, бидејќи се наоѓа во урината и потенцијално анализата ќе биде многу едноставна за спроведување кај мажите, со цел да се идентификуваат оние што се најмногу изложени на ризик да се разболат од таа болест“.
Д-р Кејт Холмс, менаџер за истражување од Добротворната организација за рак на простата, ја опиша анализата како „потенцијално силен начин да се предвиди веројатноста да се развие рак на простата“. (Би-Би-Си) |