Криминалци ја демнат Грција
Економската и општествената криза поради презадолженоста може да ги отвори вратите за организираниот криминал
Експертите предупредуваат дека мафијашките структури можат лесно да ја исползуваат кризата во Грција за перење пари преку вложување во недвижни имоти, фирми и разни фондови. Тие неодамна се собраа во Берлин на конференцијата организирана од германс��ата фондација „Хајнрих Бел“. Тоа веќе се случува во Мексико или во дел од земјите на истокот и југот на Европа.
Американскиот експерт Едгардо Бускаља смета дека длабоката криза што ја зафати Грција ја прави земјата автоматски многу интересна за меѓународниот криминал.
„Грција е земја што страда од огромна економска криза, која се претвора и во општествена, а, исто така, и во политичка криза. Меѓународните криминални структури ја користат ваквата ситуација, бидејќи цените на недвижните имоти паѓаат, така што наскоро сомнителни инвеститори ќе почнат да купуваат недвижен имот, трговски центри или, пак, да се вклучуваат во банкарскиот систем. Грција мора да биде свесна дека е изложена на огромен ризик!“
Германскиот експерт за борба против организиран криминал, Јирген Рот, се чуди што грчките власти се' уште сега не се занимаваат поинтензивно со опасноста од инфилтрирање на валкан капитал во земјата. Притоа се знае дека во Грција веќе вложуваат мафијашки структури од Италија, дури и од Кина. Организираниот криминал не ги вложува парите директно во Грција, туку наоѓа други канали:
„Минато се времињата кога некои луѓе минуваа граници со големи куфери пари. Тоа се повеќе исклучоци, отколку правило. Сега треба да се вложат многу поголеми напори за да се открие потеклото на капиталот, но тоа не го прави никој“, критикува политикологот од Берлин, Регине Шенебергер.
Според неа, темните зделки сега се одвиваат преку интернет. Прво што е потребно е бројот на сметка во некоја банка, што лесно може да се добие, на пример, во Русија, и тоа без да се знае под чие име се води контото. Потоа, со помош на тоа конто се отвора интернет-банка и преку неа се врши трансфер на парите по желба. Само неколку часа подоцна овие банки се затвораат на интернет и тешко е да им се влезе во трага.
Шенебергер додава дека кај политичарите недостига волја да се следат трагите затоа што ним во кризни времиња добро им доаѓаат странските инвестиции. Тоа го зголемува бројот на работни места во земјата. А и банките и претпријатијата во таквите земји се радуваат кога ќе влезе нов капитал.
Примери за вакво перење пари има во Мексико, исто така, и во Европа, порачува експертот Јирген Рот:
„Мислам на Романија, Бугарија, Црна Гора, исто така, и на Македонија или Полска. Сетете се, поранешниот министер за спорт во Полска беше финансиран од мафијата Пушков, а премиерот на Црна Гора имаше врски со мафијата во Неапол. Значи, во политичките тела седат луѓе што имаат директни врски со фигури од подземјето“, појаснува Јирген Рот.
Последиците по земјите што се жртви на ваков дотур на нечист капитал се огромни и далекусежни. Прво, корупцијата е во драматичен пораст, потоа опаѓа вредноста на правосудните органи и на парламентите, а животниот стандард на граѓаните постојано се влошува, објаснува германскиот експерт Јирген Рот. (Дојче веле) |