Број 3608  сабота, 18 јуни 2011
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Стил
Онлајн вести

Насловна








Site Meter
Свет

Последениот ас во ракавот на Папандреу?

Премиерот одбра да остане, но со зајакнат
нов владин кабинет

Од нашиот дописник
Миркица Поповиќ



Атина - По два дена неизвесност и тактизирање на Јоргос Папандреу, конечно, во петокот наутро ја објави новата реконструирана грчка влада. Првите оцени се дека владата има поцврст политички карактер поради зголемениот број искусни политичари. Ја етикетираат како политичка и партиска влада на ПАСОК. Со хороскопски знак Близнак, кој се смета за цврст, екстровертен знак, роденденот на владата што ќе се справи со досега најголемите предизвици и најголемата економска криза во државата е само еден ден по роденденот на грчкиот премиер Јоргос Папандреу.

Најголемиот товар во новата влада ќе го понесе новиот министер за финансии и втор вицепремиер на владата, Евагелос Венизелос. До Папандреу, покрај Венизелос како вицепремиер, останува Тодорос Пангалос. Владата вчера положи заклетва, в недела ќе почне дискусијата и барањето да и' биде изгласана доверба во грчкиот парламент. Гласањето доверба за новата грчка влада се очекува да заврши во вторник.

Сигурно главен фокус во моментот се економијата, економските мерки и реформите што треба да се преземат за да се добие финансиската помош од ЕУ. Голем дел од грчките медиуми и политички аналитичари се согласуваат дека изборот на Венизелос, до вчера министер за одбрана, за вицепремиер и министер за финансии е одличен. Само неколку моменти откако беше назначен за министер, медиумите го крстија Венизелос „нов цар на грчката економија“. Венизелос важи за сериозен, цврст политичар и менаџер. Отсекогаш важел за најголем ривал на Папандреу во редовите на ПАСОК, па неговото назначување за министер за финансии кога ПАСОК ја презема власта од Нова демократија беше знак за помирување меѓу двајцата политичари. Аналитичарите коментираат дека ова е начин Папандреу да го префрли товарот од кризата во Грција на плеќите на човекот што има поддршка од половина од нивната заедничка партија. Другите коментари за Венизелос се дека најголем дел од лидерите на грчките синдикати се на негова страна, па тоа што тој ќе ја има главната улога во перипетијата за излезот од финансиската криза и ќе се бори да ја извади Грција од живата кал во која тоне, би можело да значи дека синдикатите ќе се смират дополнително и ќе ги намалат протестите што ја парализираат државата.

Викендов Венизелос заминува за Брисел за да ги продолжи разговорите со Еврогрупата за новиот среднорочен план и дискусијата за финансиски спас на Грција, а со тоа и на ЕУ. Преговорите со ЕУ ги започна неговиот претходник, Јоргос Папаконстантину, а штом беше објавена веста за реконструкција на владата веднаш почнаа и гласиштата дека ќе биде сменет. Една работа беше сигурна, односно дека грчкиот премиер нема да дозволи да биде исфрлен од владата човекот што досега го носеше товарот и се справуваше со критиките за финансиските проблеми. Иако се слушаа гласишта дека Папаконстантину ќе биде нов министер за надворешни работи, сепак, неколку минути пред официјалното објавување на новата влада протече информација дека тој доаѓа на чело на Министерството за животна средина. Со доаѓањето на Папаконстантину како министер за животна средина од владата беше изоставена претходната министерка Тина Бирбили. Министерството, иако на прв поглед изгледа неважно, сепак, Папаконстантину повторно ќе има клучна улога и тоа за приватизацијата на компаниите, бидејќи дел од државните компании, најважна од нив компанијата за електродистрибуција ДЕИ, е под надлежност на неговото Министерство.

Новата грчка влада влегува директно, без време за приспособување во суровата борба што ја води Грција за преживување. Коментарите се дека, генерално, е составена од пратеници од постариот состав на ПАСОК. Директно е на удар на граѓаните што се бунтуваат против економските мерки и опозициските партии кои вчера, по објавувањето на новите членови, истакнаа дека владата е осудена на пропаст, при што неуморно бараат предвремени избори. Се оценува дека, според коментарите на германската канцеларка Ангела Меркел и изјавите на Белата куќа, на Грција ќе и' биде даден мал простор да здивне и да најде начин да го поправи, реформира среднорочниот план, како и да издејствува тој да биде прифатен од поголемо мнозинство во грчкиот парламент. Не стивнуваат коментарите дека со новата влада Папандреу само купува време ниту, пак, оние дека зад новата влада, всушност, се крие сценарио за предвремени избори. Повеќе од јасно е дека владата и Папандреу или, пак, заедно ќе успеат со борбата што ќе ја водат летово или од септември повторно ќе исплива на површина распишувањето предвремени избори.

Втората голема промена беше во Министерството за надворешни работи. Досегашниот министер Димитрис Друцас е заменет со друг близок соработник на Папандреу, Ставрос Ламбринидис, долгогодишен член и пратен��к на ПАСОК, европратеник и лидер на групата европратеници на ПАСОК во европскиот парламент. Папандреу, сепак, не го заборава Друцас, туку прави замена со тоа што Друцас ќе го пополни местото како европратеник и лидер на европратеничката група на ПАСОК во ЕП. Покрај Друцас и Бирбили, надвор од владата останаа поранешната министерка за труд и социјала, Лука Кацели, и уште 12 заменици од министерствата.

Непроменети се министрите за образование, Ана Дијамантопулу; министерот за здравство, Андреас Ловердос; министерот за земјоделство, Костас Скандалидис; како и министерот за култура, Павлос Геруланос.

Нов министер за одбрана е Панос Беглитис, досегашен заменик-министер во ова Министерство. Нов лик е портпаролот на грчката влада и министер за информации - Илијас Мосијало, како и новиот министер за труд и социјала, Јоргос Кутруманис. Претходниот портпарол, Јоргос Петалотис, сега е заменик-министер за правда. Поранешниот министер за транспорт, Димитрис Репас, сега го презема кормилото на новото Министерство за административни реформи и електронско управување, Харис Кастанидис од Министерството за правда оди во Министерството за внатрешни работи. Досегашниот министер за внатрешни работи, Јанис Рагусис, заминува во Министерството за транспорт и врски.


#
Статијата е прочитана 860 пати.

Испрати коментар
Најди! во Утрински
Свет
Строс Кан се жалел на тесните лисици
По Осама, Завахири
Криминалци ја демнат Грција
Српските новинари во Ал Џезира мора да го признаат Косово
„Гардијан“ не се откажува од хартијата
Безобразниот конгресмен даде оставка
Кампања против пушењето во Европа
Над 700 илјади странци добиле државјанство во држави од ЕУ
Пак се караат за Фокландските Острови
Над 15 земји ја шпионираат Шведска

"""