„Гардијан“ не се откажува од хартијата
Редизајн на изданија на весникот со помалку вести, а со повеќе анализи
„Гардијан медија груп“ (ГМГ) обелодени префрлање кон „дигитално, пред се'“ стратегија за „Гардијан“ и за „Обсервер“, откако потврди оперативни загуби од 33 милиони за минатата финансиска година. Според новата стратегија, групата ќе се обиде двојно да ги зголеми дигиталните приходи на речиси 100 милиони фунти до 2016 и да заштеди 25 милиони фунти во истиот период.
Во серијата презентации за вработените, извршниот директор на ГМГ, Ендрју Милер, изјави дека групацијата бара „голема трансформација“ во насловите и предупреди дека компанијата би можела да остане без готовина во период од три до пет години ако не се променат бизнис-операциите. Промената во фокусот настрана од печатеното издание ќе забележи и редизајнирање на делничните изданија на весникот со помалку вести, а со повеќе анализи.
Според „Гардијан“ истражувањето покажува дека половина од неговите читатели го читаат весникот во вечерните часови наместо во утринските. Главниот и одговорен уредник, Алан Грусбридгер, изјави дека целта сега е да се создаде име, значи „компетентни и во 9 и во 21 часот“, дизајниран да конкурира на „вечерни вести, не вести во 10“.
Бројките на Еј-Би-Си за април покажуваат дека тиражот на „Гардијан“ се намалува за 12,5 проценти од година на година на 262.937, а на „Обсервер“ бележи пад од 13,9 проценти на 293.053 примероци. Меѓутоа, дигиталниот сообраќај бележи нагорна линија, со 2,4 милиони единствени корисници во април, зголемување од 31 процент од година на година. Севкупниот обрт за ГМГ изнесуваше 221 милион фунти во финансиската 2009-2010 година со околу 40 милиони фунти од нив доаѓаат од дигиталната верзија. Оваа бројка се намали за 23 милиони фунти во 2010-2011 година на 198 милиони фунти.
Печатените изданија моментно им нанесуваат удар на дигиталните во смисла на приходи, каде што дигиталните заработувачки се очекуваат да изнесуваат вкупно 47 милиони фунти за сегашната финансиска година. Но, Милер вчера изјави дека ресурсите ќе бидат преместени од печатените изданија и реинвестирани во областите со дигитален раст и дека ќе има нови инвестиции во бренд-маркетингот. Според ГМГ, во оваа фаза не се планира затворање работни места.
Русбридгер нагласи дека „Гардијан“ „не го напушта печатеното издание“, но вели дека тоа бара „поголемо внимание, имагинација и ресурси за различни форми што дигиталната иднина, најверојатно, ќе ги донесе“. Тој, исто така, ја поткрепи ангажираноста на компанијата кон „отворено новинарство“, што значи дека неговата содржина ќе остане бесплатна за онлајн-читања.
„’Гардијан‘ доследно одеше по патот на дигитална иновација и моментно покажува раст од 40 проценти од година на година. Се проширивме во Америка и продолжуваме да бидеме предводници на она што го нарекуваме отворено новинарство - редакциска содржина која е соработувачка, поврзана и вмрежена со остатокот од мрежата.
Милер изјави дека „можностите предизвикани од развојот на дигиталните медиуми се огромни“. „Новинарството на ’Гардијан’ никогаш не било повеќе читано. Меѓутоа, истите сили што донесуваат можности во дигиталниот свет креираат предизвици за издавачите на весници низ развиениот свет, вклучувајќи го и ГНМ. Приходите од тиражот и рекламите во печатените изданија продолжуваат да се намалуваат низ секторот, додека читателите и оние што се рекламираат ги прифаќаат новите технологии и дигиталните платформи и ова не е тренд кој наскоро ќе стане негативен. Ќе станеме дигитална организација и сме на почеток од процесот на трансформација за постигнување на тоа. Квалитетот на нашето новинарство, нашиот долгорочен став, активата во портфолиото на ГМГ, нашата единствена сопственичка структура, нашиот прогресивен приод кон дигиталните медиуми и нашите фантастични луѓе, значи дека ние можеме да го направиме ова од позиција на сила. Иновацијата од ваков вид е во најдобри традиција на Скот Траст и ќе ни помогне да ја исполниме нашата мисија за обезбедување независност на ’Гардијан‘ засекогаш“.
„Гардијан“ во јуни 2006 година обелодени дека ќе се префрли на „веб, пред се'“ што значи дека неговите вести прво ќе излегуваат онлајн пред да бидат објавени во печатената верзија. Тој во тоа време тврдеше дека е првиот британски национален весник што го направил тоа и наведе дека промената во стратегијата одбележува „значително оддалечување од утврдената рутина на објавување весници, каде што сториите се држат за ’еднаш дневно’ објавување“. (Џурнализам. цо.ук) |