Гана фокусирана на Форлан и на Суарез
Гордоста на Африка вечерва (20,30 ч.) во Јоханесбург против Уругвај брка историско полуфинале на мундијалите
Сашко Ѓ. Димовски
Сонот на Гана да стане првата африканска фудбалска репрезентација што ќе игра полуфинале на Светско првенство ќе зависи од нејзината можност, умешност и знаење да го запре противничкото напаѓачко дуо што го одведе Уругвај до четврт-финалето во Јужна Африка. Диего Форлан и Луис Суарез, тоа се Уругвајците за кои момчињата на Милован Рајевац ќе треба особено да внимаваат вечерва (20.30 ч.) на „Сокер сити“ стадионот во Јоханесбург. Тие се основата на најуспешната кампања на двократниот светски фудбалски шампион во последните 40 години, тие постигнаа пет од шесте гола за својата земја на годинашниот мундијал, беа најзаслужни за освоеното прво место во групата А (минаа со две победи и реми) како и за елиминацијата на Јужна Кореја во осминафиналето. Сега претставникот на Јужна Америка се соочува со нов испит на зрелоста на генерацијата. Против себе ги има популарните „црни звезди“, како што ги нарекуваат ганските фудбалери, кои ќе се обидат да направат уште еден историски подвиг, да го продолжат африканскиот сон, да го направат континентот уште погорд и да го покријат крахот на останатите пет репрезентации од Африка на ова СП (Камерун, Нигерија, Алжир, Јужна Африка и Брегот на слоновата коска не ја минаа групата). Покрај Форлан и Суарез, Уругвајците своите шанси ги темелат и во одбраната која во досегашните четири меча демонстрира цврстина и решителност и прими само еден гол, од Јужнокорејците во претходната нокаут фаза.
„Се наоѓаме пред исклучително важна мисија. Знаеме дека цела Африка е горда на нас, затоа ние ќе играме за честа на нашата земја, но и за честа на континентот. Ќе дадеме се од себе да останеме во турнирот“, порача Џон Менсах, капитен на селекцијата на Гана.
Селекторот Рајевац ја отфрли можноста ваквиот притисок да одрази врз играта на тимот вечерва против Уругвај.
„Фудбалерите се концентрирани само на она што се случува на теренот. Не постои друг притисок“, рече Рајевац.
И тој и неговиот колега во спротивниот табор, Оскар Табарез се принудени на две измени во составот за вечерашниот меѓусебен дуел. Кај Гана ќе ги нема Менсах и Ајев чии места во тимот ќе ги заземат Исак Ворсах и, веројатно Сули Мунтари.
Во дефанзивната линија на Уругвај, пак, ќе отсуствува повредениот Диего Годин чии задачи ќе ги преземе Маурисио Викторино, Алваро Фернандез доби предност во однос на Алваро Переира во средината на теренот. |