„Портокалово“ искушение за Бразил
Фудбалските титани, Холандија и Бразил, денес ја започнуваат четврт-финалната разврска на Мундијалот
Денес со натпреварите Бразил - Холандија и Уругвај - Гана почнува четврт-финалната разврска на Светското првенство во Јужна Африка. Сите натпревари што беа досега одиграни во нокаут-системот беа повеќе тактички ориентирани. Четврт-финал��ите натпревари ќе имаат уште понагласен карактер. Се' ќе зависи од стратегиите на тренерите и од судиската коректност. Сите осум репрезентации кои преостанаа на првенството имаат исто национално значење и емоционална вредност.
Бразил е најголем фаворит за освојување на титулата светски првак. Има класа, персоналитет и извонредна креативност. Меѓутоа, дури и во таква совршена екипа имаат слаба точка во четирите стопери. Не треба многу да се говори за Лусио, тој е докажана вредност, можеби и најдобриот стопер во светот. Жуан е многу искусен играч, специјалист за сите позиции. Пред нив дејствуваат двајца задни играчи за врска кои имаат формирани навики на стопери и никогаш не испаѓаат од игра. На тој начин создаваат блок од четири стопера и ја покриваат средината.
Така поставени тие се ориентирани на едноставна игра, додавања до бековите кои со својата креативност го продолжуваат патот до противничкиот гол. Бековите дејствуваат како повлечени крила. Пред Мело и Силва се Д. Алвеш (или Елано -спорен поради повреда) на десната страна, како и Робињо и Кака кои се менуваат на левата страна. Кога тие ја имаат топката почнува бразилската игра - дриблинг, додавања во сите правци. А, Фабијано е како врв на стрелата секогаш подготвен и точен при влегување во длабочина. Врската Кака-Фабијано, која може да го реши мечот датира уште од Сао Паоло 2001 година. Многу добро се познаваат и на Кака му е доволен само поглед за да разбере што сака Фабијано. Со други зборови речено, може да функционираат и со врзани очи.
Холандија, пак, според својот карактер и менталитет е тим со кој Бразилците сигурно нема да се наиграат. Ако Бразил игра со формација 4-2-3-1, тогаш Холандија може да одговори со 4-1-4-1 со лесна трансформација во 4-3-3. Холанѓаните традиционални играат со широки крила така што во средината ќе остане голем простор ако тие крила не им помогнат. Ако се сите здрави најдобар состав им е Ван дер Вил, Хејтинга, Матијсен и капитенот Ван Бронхорст. Пред нив Ван Бомел, потоа од десно на лево Робен, Снајдер, Кујт и Ван дер Варт, како и класичен напаѓач Ван Перси (Хунтелар). Во одбрана никогаш не смеат да останат еден на еден и секогаш од Бразил да се чуваат со зона. Клуч и сила на нивниот напад е вертикална игра со дриблинзи.
Холанѓаните може да создадат предност ако Снајдер и Кујт одат на Мело и на Силва затоа што се побрзи, поексплозивни и технички попотковани играчи. Другата предност може да лежи во триаголникот Ван дер Вил - Снајдер - Робен. Робен овојпат не би требало да се впушта во дриблинзи, туку со брзи додавањата прими-дај да ги гаѓа на спротивната страна Ван Перси, Кујт и Ван дер Варт. Робен е специјалист за такви пасови. Сепак, сето ова е стручен аспект, кој многу често знае да падне во вода. Денешниот меч може да го реши моменталната инспирација на поединци кои ги има и на двете страни, а како што тргнало, може и судијата да биде тој што ќе даде свој печат на четврт-финалната класика меѓу Бразил и Холандија. |