ТВ-фотелја
Тактика на нојот
Роберт Д. Крстевски
Ако некој воопшто имал некакви дилеми во однос на професионалноста и на објективноста на македонското (телевизиско) новинарство, по митингот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија тие исчезнаа како никогаш и да не постоеле. Едно обично шарање со далечинскиот управувач по фреквенциите на т.н. најрелевантни електронски медиуми во државава минатиот петок некаде пред полноќ беше сосем доволно за да се види на кое дереџе се паднати.
Посетеноста, како по обичај, е клучното прашање околу што се разликуваат во покривањето на настанот на денот како винска мушичка од диносаурус. Дека бројките можат да бидат многу растеглива категорија покажува дијапазонот во процените од 8.000 луѓе до повеќе од 50.000.
Неизбалансираниот пристап дојде до израз и во поглед на ��олжината на извештајот од митингот и во однос на поентите од кажаното. Додека едни ги вклучуваа директно во програма своите известувачи од местото на настанот, тоа го комбинираа со монтирани цитати од говорниците и за целиот прилог отстапија добри десетина минути од последниот „Дневник“, други се определија за прераскажување на кажаното во кратки црти, спакувано во една до две минути.
Но, и едните и другите и третите и сите заедно можат вода да им носат на колегите од Сител. За нив малку е да се каже дека се надминаа себеси. Ни „м“ од митинг. Ма, каква слика од пред Влада, каков прилог, какви бакрачи. Место тоа, во последната информативна емисија најава за митингот што во меѓувреме завршил (!?), илустрирана со слика од монтирањето на бината и со Шема во преден план. Пред тоа, долгометражна увертира во вид на компарација на економските резултати од владеењето на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, заокружена со интервју со министерот за финансии, Ставрески, реемитувано од централниот „Дневник“.
Забивањето на главата в песок како ној не значи дека тоа што некому не му се допаѓа или не му одговара, не се случило. Ако нема намера нојот, има кој да информира за собирот на најголемата опозициска партија, кој во секој медиум со елементарно чувство за регистрирање настан од пошироко општествено значење по автоматизам добива приоритетен третман. Дали ќе се одвои половина час или една минута, ќе почне ли „Дневникот“ со тоа или информацијата ќе биде поместена подолу, ќе се оди ли со вклучување во живо или со снимка, ќе падне ли изборот на изворен цитат или на прераскажување, сето тоа зависи од пристапот и легитимно е како и да се постапи. Ама, целосно да се игнорира тоа што се случило не е ништо друго, туку бламирање, и сопствено како медиум и на новинарската професија. За потценувањето на публиката и да не зборуваме. |