Футсалците во израмнета група за СП
Македонија домаќин на Франција, Црна Гора и Швајцарија во претквалификациите
Сашко Ѓ. Димовски
Македонската футсал репрезентација заврши во претквалификациската група Е заедно со селекциите на Франција, Црна Гора и Швајцарија при вчерашната ждрепка во Нион за пласман на Светското првенство во Тајланд што ќе се одржи од 2 до 18 ноември догодина. Македонија претходно аплицира и ја доби честа да биде домаќин на турнирот што ќе го организираме од 19 до 23 октомври наесен. Селекторот Васко Скендеровски изрази задоволство по извлекувањето на групите.
„Добивме претквалификациска група која според мене е со израмнет состав. Малку недостасуваше да имаме и полесни противници од последниот шешир од кој се одлучуваше меѓу Црна Гора и Албанија, односно, Швајцарија и Сан Марино“, рече Скендеровски и продолжи со анализа на противниците:
„Добро се познаваме со селекциите. Против Французите имаме победа и реми во последните два меча, со Црногорците имаме позитивен биланс во многуте одиграни натпревари, во последните две славевме со 2:1 и 4:1. Со Швајцарија не сме играле досега. Генерално влетавме во силна и квалитетна група. Македонија и Франција се фаворити во групата, но Црногорците не смееме да ги потцениме бидејќи се непредвидливи. Со Швајцарците треба да бидеме претпазливи затоа што се наоѓаат во резултатски подем. Можам да ветам дека добро ќе се подготвиме за настап пред домашната публика за потврда на добриот рејтинг што го имаме од последните квалификациски дуели. Каков пласман ќе оствариме ќе зависи од нас самите“.
Во групата А во претквалификациите ќе играат Молдавија, Грузија, Ерменија и Малта, во групата Б се најдоа Грција, Андора, Бугарија и Норвешка, во групата Ц ќе се пресметаат Летонија, Кипар, Англија и Сан Марино, во групата Д ќе се натпреваруваат Финска, Турција, Албанија и Естонија.
Победниците од петте групи плус две најдобро второпласирани селекции ќе обезбедат место во главната квалификациска фаза во походот на Тајланд. Доколку го освоиме првото место на турнирот што ќе го организираме ќе продолжиме во групата 5 во која ќе ги одмериме силите со Украина, Азербејџан, Хрватска. Една од двете второпласирани репрезентации има резервирано позиција во групата 1 кај Шпанија, Белгија и БиХ, втората, пак, ќе игра во групата 4 против Португалија, Словачка и Литванија. |