Пјонгчанг домаќин на ЗОИ 2018
Еуфорија во Јужна Кореја откако ИОК објави дека нивниот град победи уште во првиот круг
Пјонгчанг од Јужна Кореја ја доби организацијата на Зимските олимписки игри во 2018 година со уверлива победа над конкурентите Минхен од Германија и Анси од Франција во гласањето на Меѓународниот олимписки комитет. Претседателот на ИОК, Жак Рог, ја објави победата на Пјонгчанг на седницата на Комитетот во Дурбан по само еден круг гласање. Пјонгчанг доби 63 гласа наспроти 23 за Минхен и само седум за Анси.
Прв пат корејски град ќе биде домаќин на Зимска олимпијада и само трет пат ЗОИ ќе се одржат во Азија.
„Ова е еден од најсреќните денови за нашата земја, за нашиот народ и за милиони млади луѓе што ги с��каат зимските спортови“, изјави шефот на кандидатурата на Пјонгчанг, Чо Јанг-хо, неколку секунди по објавата. „Ова го чекавме долго време“.
Делегацијата на Пјонгчанг во Дурбан се веселеше и скандираше „Кореја, Кореја“ откако Рог го соопшти резултатот од гласањето.
„Бев изненаден од фактот дека имаше само еден круг гласање. Очекувавме два круга. Бев изненаден од разликата. Трпението беше наградено“, рече првиот човек на светското олимписко движење.
Пјонгчанг за малку извиси во гласањата за двете последни зимски олимпијади, губејќи од Ванкувер од Канада за Игрите во 2010 година и од руското црноморско летувалиште Сочи за 2014. И во двата случаја Корејците водеа по првиот круг од гласањето на членките на ИОК, но не успеаја да добијат мнозинство гласови во вториот круг.
Овој пат Јужна Кореја направи максимален напор, играјќи на картата на своите доблести - пожртвуваноста и трпението, а беа ангажирани и претседателот на државата Ли Мјинг-бак и олимписката шамионка во уметничко лизгање Ким Јуна за да го придобијат и да го шармираат ИОК.
„Чувството е извонредно“, кратко порача Ли.
Тимот што стоеше зад кандидатурата на Минхен, пак, издаде соопштение во кое се вели: „Се разбира дека сме разочарани, бидејќи дојдовме тука за да станеме домаќини на ЗОИ 2018. Но, ИОК реши да му ја додели таа чест на друг кандидат и, поради тоа што ние сме спортски тим, ја прифаќаме таа одлука. Отсекогаш знаевме дека ова ќе биде многу тешка трка со двајца силни натпреварувачи“.
Водачот на кандидатурата на Анси, Шарл Бајгбедер, изјави: „Многу сум разочаран. Се надевавме дека ќе бидеме избрани, но му честитаме на Пјонгчанг, кој беше голем ривал“. |