Илиевски против Мекејлеб во Евролига
Олимпија и Монтепаски се најдоа во групата Д, Самарџиски од Литвос и Гечевски од ПАОК во иста квалификациска група
Наум Котевски
Македонските репрезентативни бекови Бо Лестер Мекејлеб и Владо Илиевски, од кои се очекува да бидат носители на играта на Европското првенство во Литванија во септември, ќе играат со своите Монтепаски и Олимпија еден против друг во групата Д од Евролигата. Во групата паднаа и Барселона, Уникс Казан, Проком и еден квалификант.
Европскиот шампион Панатинаикос ја предводи групата Б, во која ќе играат и ЦСКА Москва, Жалгирис, Бамберг и Загреб. Во групата А ќе партиципираат Олимпијакос, кој по одлуката на браќата Јанакопулос за прод��вање се наоѓа во голема криза, како и Каха Лаборал, Фенербахче, Билбао, Канту и Нанси. Во претпоследната група Ц се наоѓаат Партизан, Реал, Макаби, Ефес, Армани и квалификантот од групата А, во која се најдоа двајцата македонски центри Предраг Самарџиски и Тодор Гечевски. Самарџиски со својот нов клуб Литвос Ритас ќе стартува против Будуќност, а Гечевски со ПАОК ќе се судри со Галатасарај.
Во оваа квалификациска група се наоѓаат и Асвел, кој во првото коло ќе игра со Гравелин, како и Цибона, која ќе се судри со Шоле. Ако победат во првите натпревари екипите на Самарџиски и на Гечевски вкрстуваат со победникот од дуелот Цибона - Шоле, односно со победникот од мечот Асвел - Гравелин. Тоа значи дека постои можност Самарџиски и Гечевски да играат еден против друг за влез во Евролигата.
Евролига, група А: Олимпијакос, Каха Лаборал, Фенербахче, Билбао, Канту, Нанси; група Б: Панатинаикос, ЦСКА Москва, Жалгирис, Бамберг, Загреб; група Ц: Реал, Макаби, Партизан, Ефес, Армани, квалификант А; група Д: Барселона, Монтепаски, Уникс Казан, Проком, Олимпија, квалификант Б. Фајнл форот ќе се игра во Истанбул од 11 до 13 мај.
Квалификациска група А: Асвел - Гравелин / ПАОК - Галатасарај, Литвос Ритас - Будуќност / Шоле - Цибона.
Калификациска група Б: Алба - Рига / Спиру - Доњецк, Химки - Туров / Нимбург - Банвит. |