Седмиот печат
Затворска приказна каде што црното станува бело и обратно
Кон „Кога сакам да свиркам, свиркам“, режија: Флорин Сербан, Романија
Сунчица Уневска
„Кога сакам да свиркам, свиркам“ е романски филм чиј наслов е провокативен, но чуден, па дури и некомпатибилен со приказната во ова играно деби на Флорин Сербан, кое имаше премиера на Берлинале во главна програма и помина одлично. Покрај Гран-при на жирито, филмот ја освои и наградата „Алфред Бауер“ за иновативност. Публиката на „Синедејс“, можеби не беше многубројна, но овој затворски филм за едно момче кое ќе го прокоцка своето излегување за да го спаси брат му, но од очај, а не од ќеф или бес (како што алудира насловот), го испрати со аплауз.
А тоа не зачудува, бидејќи филмот на Сербан успева навистина лесно да допре до гледачите. Тој како да го продолжува патот на романските филмови кои последниве години се издвоија со својот стил и посебен допир, што им донесе успех и кај публиката, и кај критиката. Со еден специфичен минимализам, без многу пари, овие романски филмови, кои придонесоа да се зборува за нов романски бран, својот акцент, пред се', го ставаат на приказните и на емотивноста. Впрочем, и овој филм на Сербан покажува дека навистина не се потребни многу пари, ако имате идеја.
Дебито на младиот романски автор е сместено во затвор за млади, каде што не се случува ништо епохално, ниту се оди на некоја претенциозност или којзнае какви откритија. Напротив. Сербан дури користи познати ситуации од затворските филмови, во него има многу натуршчици и исклучително едноставни решенија, па сепак, приказната е толку искрена, емотивна, жестока и, на крајот, праведна, што не може да ве остави рамнодушни. Особено, што авторот игра на картата да се соживеете со судбината на младиот Силвиу, (Георг Пистиреану) кој и покрај се, е всушност позитивниот лик во приказната.
Силвиу се наоѓа на само две недели пред излегување од затвор. Почетокот на филмот ја истакнува неговата радост и задоволство, неговата послушност и смиреност очекувајќи да му стави крај на ова и да се врати кај неговиот брат, кого тој го пораснал. Но, тогаш се' ќе се смени, откако ќе дојде неговиот брат и ќе му каже дека нивната мајка по цели осум години се вратила и сака да го земе со себе во Италија. Одеднаш се поприма поинаква боја, се случува пресврт кој публиката го следи преку силната емотивна промена кај Силвиу, која прераснува во параноја и преку постепената, дискретна промена на целата атмосфера, обоена со неговата внатрешна тензија и исчекување.
Сербан многу добро го води филмот, давајќу му документаристички призвук, со користење на камерата од рака со која непогрешливо ги следи неговите внатрешни превирања, и без воопшто употреба на музика. На тој начин, имате чуство како да ја следите приказната одблизу, приказна која полека ве освојува со својата преданост и пожртвуваност, прелевајќи се невидливо надвор од затворот, онаму каде што лежи вистинската болка и причина. Бидејќи, затворот наеднаш станува само празна рефлексија на тоа што затворениците го носат или го потиснуваат во себе, покажувајќи ја целата негова немоќ со тоа да се справи.
Во моментот кога настанува проблем, кој излегува од вообичаените граници, за миг целиот систем се урива. Во него се' е црно и бело, тука се лошите, а таму се добрите, тука се оние кои не смеат да го пречекорат дозволеното, плашејќи се дека тогаш се' ќе излезе од контрола. Но, што се случува кога заканата ќе дојде од друга страна? Што се случува кога доброто и лошото ќе ги заменат местата, кога луѓето ќе излезат од шемата во која сме ги ставиле?
Силвиу нема да види друг излез освен насилниот. Но, дури и тука, дури и тогаш кога ќе ги помине границите, тој ќе остане човек кој се грижи и кој умее да сака. Човек кому не му е важна сопствената иднина, кој се обидува да ги исправи работите, ако не за себе, тогаш барем за оној кој го сака. Да не му се повтори она, што нему му причинило толкава болка. Сите овие нешта ја прават приказна универзална и неодолива. Затоа овој филм помина толку добро, и покрај недостатоците во поглед на заокруженост на дадени ситуации или на дефинираноста на одредени ликови. Затоа што за цело време зборува за ноторната вистина, дека пред животот не треба да затвораме очи. |