Трпчески награден во Париз со престижната „Златен дијапазон“
Завчера во Париз, на доделувањето на една од најпрестижните награди во светот на класичната музика, македонскиот пијанист Симон Трпчески го доби признанието „Златен дијапазон 2010“ за најдобра концертна изведба на компакт-диск. Високата награда на Трпчески му била врачена за неговото прво оркестарско ЦД на кое тој ги изведува Вториот и Третиот концерт од Сергеј Рахмањинов заедно со Кралскиот ливерпулски филхармониски оркестар и диригентот Василиј Петренко. Ова издание излезе во почетокот на годинава под етикетата на „АВИ рекордс“.
На крајот од свеченото доделување на наградата по категории, што се одржало во „Радио Франс“ и било во живо пренесувано на брановите на „Франс музик“, Трпчески со извици на браво бил награден од присутната публика за изведбата на мазурка од Шопен.
По добивањето на трофејот, Трпчески за Македонското радио ќе изјави: „Мислам дека овој месец не можеше да биде поубав. По дебито во ’Карнеги Хол‘, сега во Париз ја добив наградата ’Златен дијапазон 2010‘ за концертно ЦД на годината, што е една од најпрестижните награди воопшто во светот на класичната музика... Навистина бев пријатно изненаден што бев номиниран во Франција каде што не настапувам толку често. Ова е едно фантастично заокружување на овој дел од моите годинашни активности. Сметам дека е ова уште една од оние работи што ќе бидат мотив за младите луѓе во Македонија кои заслужуваат да излезат на површината, а за мене секако ќе биде одговорност повеќе за сето тоа што треба да следи понатаму“.
Со своето присуство поддршка на нашиот пијанист му пружил и македонскиот амбасадор во Франција, Агрон Буџаку. (Т.И.) |