Театарот е начин на живеење
Со упатување меѓународна и национална порака, денеска во светот се одбележува Светскиот ден на театарот
Во целиот свет денеска се одбележува Светскиот ден на театарот. Тоа е прилика театарските луѓе да ја прослават моќта на изведувачките уметности, да ги здружат луѓето заедно, но и шанса да споделат со својата публика одредена визија за нивната уметност и за нејзината моќ да придонесе за разбирањето и мирот меѓу луѓето.
Интернационална порака се преведува на повеќе од 20 јазици, им се чита на гледачите пред претставите во театрите низ светот, се објавува во стотици весници и списанија и се емитува насекаде низ светот преку радиото и телевизијата. Жан Кокто е автор на првата интернационална порака во 1962.
Годинава, автор на меѓународната порака е Аугусто Боал, познат театарски режисер, драмски писател и политичар од Бразил. Во својата порака, Боал меѓу другото истакнува: „Секое човечко општество е театрално во секојдневното живеење, а во специјални ситуации прави театар. Тоа е театрално како креатор на разни форми на општествена организација а создава и театар каков што е овој што ќе го гледате. Кога гледаме подалеку од привидното, здогледуваме угнетувачи и угнетени во сите општества, во етничките заедници, кај половите, класите и кастите. Гледаме еден неправеден и суров свет. Треба да креираме еден поинаков свет, зашто знаеме дека е тоа возможно. Нам ни е дадена привилегијата да создадеме поинаков свет со наши раце, на сцената и во животот. Учествувајте во вечерашнава претстава, а кога ќе се вратите дома, играјте ги со пријателите вашите сопствени претстави и видете го она што не сте можеле никогаш да го согледате: очевидното. Театарот не е само претстава, тој е начин на живеење! Сите ние сме актери: да бидеш граѓанин, не значи само да живееш во општеството, туку и да го менуваш“. И Македонија, од 1997 година се вклучи во одбележувањето на Светскиот ден на театарот. Македонската порака годинава ја напиша актерот Ѓорѓи Јолевски, а во неа меѓу другото се вели: „Живееме во многу комплицирано време. Стресно и хаотично. Од нас се бара да се откажеме од својот идентитет и да влеземе во глобалниот систем на вредности каде што нема индивидуалност, сопствен став за светот што не опкружува. Да се вклучиме во систем кој ни нуди ’сигурност’ и слепо да веруваме во него. За да го одбегнеме привидот на сигурност, моќ, пари, сајбер-свет, најдобро е, како што верникот стои пред свештеникот, така и ние да застанеме пред самите себеси и да се погледнеме, да влеземе во себе и да ги побараме емоциите кои одамна сме ги заборавиле во трката што ни ја нуди таканаречената стварност. Театарот е идеалната уметничка творба која нуди средба со самиот себеси. Таа и како концепт и како реализација ја потенцира индивидуалноста и ја потврдува тезата еден човек - еден Космос. Актер сум и светот го гледам преку призмата на театарот. Тоа е местото каде што се чувствувам жив. Местото каде што можам слободно да дишам. И да верувам дека мојот партнер – гледачот, после добиената доза волшебство, ќе се врати во својот свет променет“.
На Светскиот ден на театарот - 27 Март, во театрите низ целиот свет, претставите почнуваат со читање на меѓународната (а во некои земји и на националната) порака, традиција која е составен дел и на нашето театарско живеење. (Н.П.) |