Холандија ќе не' спасува со вакцини
Министерот Бујар Османи не сака да го коментира скандалот со вакцините зашто случајот ќе има судска разврска
Јасмина Јовановска
Холандија ќе не' спасува со вакцини против новиот грип. Владата на оваа земја ветила дека на Македонија ќе и' продаде вакцини, толку колку што ќе побара. За ваквата одлука на холандската влада нашиот амбасадор во Хаг вчера го известил министерот за здравство Бујар Османи. Цената по која ќе се купува ќе биде таа по која Холандија ги купила вакцините, вели министерот Османи, додавајќи дека за тоа, сепак, дополнително ќе бидат информирани. Холандија, како што вели нашиот министер за здравство, набавила 34 милиони дози вакцини што се производство на „Глаксо“ и на „Новартис“. Османи не прецизира колку дози од вакцината ќе бидат набавени, оставајќи тоа да го одреди Комисијата за пандемски грип, но и во зависност од интересот за вакцинирање. Посебно што одѕивот за вакцинирање кај здравствените работници не се одвива како што било предвидено. Вакцинирани се над 500 лекари, но со оваа бројка Министерството за здравство излезе и минатата седмица. Оправдувањето зошто нема нови податоци е дека тие се сумираат седмично.
Дека лекарите, сепак, одбиваат да се вакцинираат зборува и апелот на министерот до медиумите да не бидат толку негативно настроени кон вакцинирањето, зошто така само се предизвикува контраефект. „Ова не го бараме за да се трошат вакцините, туку што побрзо да го увериме населението дека вакцината е најефикасен начин за заштита од последиците од пандемијата“, изјави првиот лекар во државата. „Затоа што како ќе се зголемува бројот на инфицираните лица, така ќе расте и бројот на жртвите од новиот грип“, додаде Османи.
Министерот Османи одби да го коментира скандалот со вакцините, односно дали на „Кемофарм“ им бил испратен договор за набавка, или тоа не било сторено, како што тврдат од веледрогеријата што беше избрана како најповолен понудувач. Тој смета дека од самиот случај се гледа кој е одговорен за целата постапка и затоа ќе има и судска разврска. „За граѓаните не е битно кој е виновен, битно е што ќе има вакцини“, додаде министерот и потенцира дека Македонија е прва од земјите надвор од ЕУ каде што е почнато со вакцинирање против новиот грип. Тој не сакаше да коментира зошто за набавката на вакцините се одело преку посредник, кога Министерството за здравство сега успеа директно да комуницира со производителите, туку само кратко рече „па, тоа беа понудите“. Османи не сакаше да објасни ниту која е причината поради што Владата ја поништила одлуката за „Кемофарм“.
Вакцините на „Бакстер“, според најавите од Министерството за здравство, се на пат и со нарачаните 20.000 дози граѓаните ќе може да почнат да се вакцинираат на крајот на седмицава. На прашањето зошто не се контролираат вакцините и во нашите лаборатории, тој одговори дека според нашата законска регулатива се прифаќаат сертификатите на Европското биро за регистрација на лекови и вакцини, а од друга страна, пак, препораката на СЗО е таква - ако немаме производство на вакцини и лаборатории за нивно контролирање да се прифати листата на вакцини што ги верифицирала оваа организација.
За два месеца во земјава се регистрирани 8.891 заболени од грип, од кои лабораториски се потврдени 890 случаи, што биле со најтешка клиничка слика. Другите се лекувале кај матичните лекари и се излекувале без антивирусна терапија. Последната седмица се регистрирани најголем број и тоа околу 5.000 случаи.
Моментно на инфективните одделенија има 203 полесни случаи на грип, зошто најтешките форми и натаму се препраќаат на Инфективната клиника во Скопје, каде што заклучно со вчера попладне на лекување се задржани 84 болни. Од нив двајца се во критична здравствена состојба и се приклучени на апарати за дишење. Станува збор за 25-годишно момче, што веќе три дена е на интензивна нега, но е во стабилна здравствена состојба, а другиот пациент е 59-годишен маж. Пациентката што беше префрлена пред четири дена од КАРИЛ е подобра и од вчера не е на респиратор. Во тешка здравствена состојба се уште четири пациенти, но не се на респиратор. На Детската клиника има 67 деца на возраст од шест месеци до пет години. Од нив две деца се со потешка форма на бронхопневмонија, но не се на респиратор. За починатите лица, пак, досегашните сознанија говорат дека повеќето се лекувале сами дома неколку дена и на клиника се јавиле со задоцнување и во многу тешка состојба. Дел од нив имале и поголема телесна тежина.
Поради тоа што се зголемува бројот на болни што имаат потреба од згрижување во болница, Комисијата за пандемски грип вчера одлучила полесните случаи на грип кај децата да се прифаќаат во Институтот за белодробни заболувања во Козле. „Како што Воената болница е наменета за полесни форми на грип, кои треба да се хоспитализирани, така болницата во Козле ќе биде за деца, за што ќе бидат известени матичните педијатри“, рече министерот Османи. Како што се шири инфекцијата, така првиот фронт против грипот ќе се симне кај матичните лекари, па Комисијата одлучила да се продолжи редовното работно време на матичните лекари и тоа до 22 часот навечер.
Фондот за здравствено осигурување, пак, освен поедноставувањето на постапката за издавање боледувања и поголема слобода во бројот на упатите, заради вонредната состојба со грипот ќе биде полиберално и во препишувањето на рецепти и остварувањето на превентивните цели за кои матичните лекари на секои три месеци добиваат стимул по 30 отсто од вкупната капитација. На товар на државата лекови треба да се препишуваат и за време на редовните и ноќните дежурства. Матичните лекари треба да се организираат, односно своите факсимили да им ги даваат на дежурните колеги за да можат на болните да им издадат лек на товар на фондот, без оглед дали се матични лекари на пациентите што се јавиле на преглед, објаснуваат од Фондот. |