ОД КЈОТО ДО КОПЕНХАГЕН
Невообичаени жртви
Бјорн Ломборг
Ретко се обрнува внимание на она што го кажуваат локалните жители, кои се во опасност
Медиумските организации во богатите земји редовно испраќаат известувачи за да најдат „жртви на глобалното затоплување“. Во известувањата од Пацифичките Острови, Бангладеш или од Етиопија, новинарите предупредуваат на неизбежна несреќа. Глобалното затоплување е најужасниот предизвик со кој се соочуваат тие региони. Неговото решавање е неопходно. Меѓутоа, ретко ги слушаме локалните жители кои се во опасност. Тие луѓе не се безгласни; не обрнуваме внимание на она што го кажуваат.
Центарот за консензус од Копенхаген си постави задача да ги запраша луѓето од жариштата на глобално затоплување за нивните стравувања и надежи. Во Мохо, централна Етиопија, истражувачите се запознаа со Тадесе Денкуе, 68-годишен поранешен војник без редовни приходи. „Никогаш не знам кога ќе можам самиот да си купам храна. Знам само дека многу страдам. Тоа не е пристоен живот“, вели тој. Тадесе никогаш не слушнал за глобално затоплување. Кога му беше објаснето, тој го отфрли тоа. Има поитни проблеми: „Првото нешто што ми треба е храна, а потоа работа“.
Тадесе страда од втор напад на маларија оваа година. Веќе не брои колку пати ја навлекол оваа болест. Нашиот истражувач го придружуваше до бесплатната клиника. Таму нема струја. Лекарот признава дека повеќето пациенти се испраќаат дома без испитување или лекување: клиниката остана без лекови. Заканата за нови случаи на маларија беше искористена за да се издејствуваат драстични намалувања на емисиите на јаглероден диоксид. Потоплото и повлажно време ги подобрува условите за паразитите што пренесуваат маларија. Повеќето процени укажуваат дека глобалното затоплување ќе изложи на ризик уште три отсто повеќе од населението во светот да се зарази со маларија до 2100 година.
Најефикасното глобално намалување на емисиите на јаглероден диоксид - што предвидува зголемувањето на температурите да се одржува под 2 Целзиусови степена - би чинело 40.000 милијарди долари годишно до 2100 година, покажува истражувањето на Ричард Тол за Центарот за консензус од Копенхаген. Во најдобро сценарио, тој трошок би го намалил бројот на населението изложено на ризик за само 3 отсто. Како споредба, трошењето три милијарди долари годишно за мрежи за комарци, еколошки безбедни спрејови ДДТ за домашна употреба и субвенции за ефективни нови комбинирани терапии, би можело да го преполови вкупниот број на заразените за само една деценија. Со парите што се потребни да се спаси еден живот со намалување на емисиите на јаглероден диоксид, поразумната политика би можела да спаси 78.000 животи.
Секако, далеку од тоа дека маларијата е единствена причина поради која сме загрижени во врска со глобалното затоплување. Дваесет километри од Мохо, нашиот истражувач се запозна со Деси Коричо и со нејзиниот осуммесечен син Мишел. Секои две недели Деси пешачи четири часа за да го однесе Мишел во здравствениот центар. По два месеца лекување од недоволна исхранетост, Мишел порасна многу, но и натаму е со половина од нормалната големина за негова возраст. Мишел не е биолошко дете на Деси. Таа се грижи за него откако неговиот татко извршил самоубиство и бебето било оставено. Веројатно и Деси страда од неисхранетост. Таа е присутна таму. Нема патишта, струја или друга инфраструктура. Условите се ограничени и нехигиенски. „Ни треба се'“, вели Деси. Решавањето на проблемот со недоволна исхранетост би бил добар почеток.
Поборниците од Европа и од Америка ја користат заканата за гладување за да издејствуваат драстични намалувања на емисиите на јаглероден диоксид. За повеќето региони, промената на временските услови ќе значи зголемување на земјоделската продуктивност. Сурово, но тоа не важи за оние делови од Африка што веќе страдаат од глад. Но, како и со маларијата, сите докази покажуваат дека директната политика е многу поефективна отколку намалувањето на емисиите на јаглероден диоксид. Ефективна, недоволно разбрана интервенција им обезбедува микрохранливи материи на оние на кои им недостигаат. За да се обезбедат витамин А и цинк за 80 отсто од околу 140 милиони недоволно исхранети деца во светот, би биле потребни само 60 милиони долари годишно. За 286 милиони долари би можеле да обезбедиме железо и јод за повеќе од 2,5 милијарди луѓе.
Изборот е непријатен: за неколку стотици милиони долари сега би можеле да му помогнеме на речиси половина од човештвото. Тоа се споредува со инвестициите за решавање на климатските промени - 40.000 милијарди долари годишно до крајот на векот - што би спасило стотина пати помал број луѓе што гладуваат (и тоа за 90 години!). Истите пари за секое лице спасено од неисхранетост преку климатска политика, би можеле да спасат половина милион луѓе од неисхранетост со микрохранливи материи, преку директната политика. Некои тврдат дека изборот меѓу трошењето пари за намалување на емисиите на јаглероден диоксид и за директна политика е нечесен. Но, основен факт е дека доларот не може да се потроши двапати. Богатите земји и донаторите имаат ограничени буџети и опсег на внимание. Ако трошиме огромни суми пари за намалување на емисии на јаглероден диоксид во погрешно верување дека спречуваме маларија и намалуваме недоволна исхранетост, помала е веројатноста дека ќе издвоиме пари за директната политика што би помогнала денес. Всушност, за секој долар потрошен на силна климатска политика ние веројатно ќе направиме околу 0,02 долари добро за иднината. Ако истиот долар го потрошиме на едноставна политика сега да се помогне за неисхранетост или за маларија, би можеле да создадеме 20 долари или повеќе добро - илјада пати подобро, кога ќе се земат предвид сите влијанија.
На планината Килиманџаро во Танзанија, каде што ефектите од глобалното затоплување веќе можат да се почувствуваат - нашиот истражувач наиде на 28-годишната Рехема Ибрахим. Рехема е разведена од сопругот и откажана од семејството, бидејќи не може да има деца. За да утврди дали таа е причина за неплодноста, почнала да спие со други мажи. Сега е ХИВ-позитивна и е отфрлена од страшното сиромашно општество. Рехема забележува промени во временските услови. Вели дека снегот и мразот се топат. Таа знае што мисли нашиот истражувач со глобално затоплување. Но, додава: „Нештата со кои се соочувам имаат поголем приоритет. ХИВ и проблемите што ги создава вирусот се поголеми од мразот што се повлекува“.
Поборниците за намалување на емисиите на јаглероден диоксид редовно нагласуваат дека се топат снегот и мразот на планината Килиманџаро. Но, исто внимание треба да им обрнеме и на луѓето што живеат во сенката на планината.
(Авторот, директор на Центарот за консензус од Копенхаген и хонорарен ��рофесор на Школата за бизнис во Копенхаген, пишува за „Проект синдикејт“. „Утрински весник“ е дел од мрежата на „Проект синдикејт“) |