Број 3150  среда, 02 декември 2009
прва страница Архива контакт редакција маркетинг претплата
Втора страница
На прво место
Политика
Македонија
Економија
Хроника
Едиторијал
Анализа
Мислења
Писма
Свет
Култура
Спорт
Скопје
Забава
Некролог
Хороскоп
Што прават денеска
Фељтон

Site Meter

Фељтон

Албанците - нивното минато, потеклото и обичаите (11)

Јазикот - темел на албанската нација

На Конгресот за јазикот, одржан во Битола, биле усвоени две азбуки, едната предложена од Тоските, а другата од Гегите

Виктор Цветаноски


Сознанието дека се една нација, кај Албанците се родило кон средината на 19 век. Припаѓале на различни вери, биле поделени на муслимани и на христијани, но јазикот им бил заеднички, а тогашните албански преродбеници решиле тоа наследство од нивните дедовци да го зачуваат. Токму од напорите да се создаде албанска писменост на сопствен јазик произлегува и нивната потрага по сопствениот идентитет. Настан што го надминува своето вистинско значење и претставува симбол на нивната националната борба е Конгресот за албанската азбука, одржан во Битола од 14 до 22 ноември 1908 година.

Дотогаш биле во употреба повеќе азбуки. Во 18 век албанските муслимани ја користеле турската, односно арапската азбука, а православните автори пишувале на азбука која имала и грчки букви. Писателот Наум Веѓилхарди во 1825 година создал посебна азбука со кирилични букви, по што биле отпечатени и првите албански буквари, но набрзо била напуштена. Две нови латински азбуки создале и двајца католички свештеници во Скадар. Истовремено, во јужна Албанија веќе се пишувало на азбука што ја составил познатиот преродбеник Сами Фрашери. Поради големиот број азбуки, австрискиот албанолог Франц Барон Нопц во тоа време ќе забележи дека „во Албанија постојат изгледи со тек на време да има повеќе правописи од тие што знаат да читаат“.

Свесни на тоа дека само преку единствена азбука за описменување на албанскиот народ може да се дојде до негово обединување и национално осознавање, повеќе дејци решиле да одржат конгрес и конечно да се договорат за ова мошне заплеткано прашање. Конгресот бил организиран од Албанскиот клуб во Битола, еден од најактивните клубови што Албанците ги имале формирано во повеќе емигрантски колонии на Османлиската Империја. На Конгресот присуствувале истакнати албанс��и личности, познати писатели, учители и редактори на весници. Имало и католички свештеници од северна Албанија, оџи, кадии и муфтии и претставници на албанските колонии во Египет, Италија, Бугарија, Романија и во Америка. Се' на се', се собрале 50 делегати со право на глас. Покрај нив, на отворените седници присуствувале, според едни извори, околу 200, а според други, близу 400 луѓе.

„Тоа било едно собрание на кое учествувале борци со перо и пушка, од север и од југ, од исток и запад, христијани и муслимани, Тоски и Геги, однатре и однадвор, што значи прв конгрес на кој релативно биле застапени сите албански области и емигрантски колонии“, пишува д-р Рамиз Абдули. Имало пленарни седници, во чија расправа можеле да учествувале и други лица освен делегатите, но и седници зад затворени врати.

Д-р Катерина Тодороска нагласува дека и пред и за време на конгресот пристигнувале повеќе писма од кои можело да се види големата поделеност меѓу Албанците за тоа која азбука да биде усвоена. Поделеноста не била надмината ни по неколкудневната расправа, така што било донесено соломонско решение – да се употребуваат две азбуки. На шестиот ден од работата на Конгресот било планирано да се одржи отворено собрание за сите Албанци и странци на кое се предвидувало прогласување на азбуката од 11-члената комисија. Меѓутоа, до тоа не дошло.

Тодороска цитира еден документ, во кој стои дека вистинските причини произлегувале од недоразбирањата меѓу Гегите и Тоските. Тоските „...настојуваа на зачувување на азбуката на Фрашери, како на најмногу упростена, нагласувајќи дека ако биде поништена оваа азбука, ќе се поништи речиси сета, не многу големата, албанска литература. Гегите, пак, а особено католичките свештеници се спротивставуваат на грчките букви во азбуката ’стамболи’, што на албанската азбука и' го одземаат латинскиот карактер, а кои ја прават неудобна за телеграфска употреба“.

Д-р Абдули ја цитира одлуката на Комисијата, во која се вели: „Со согласност на сите е одлучено да се прифати истанбулската азбука, а со неа и една проста латинска азбука, да се учат и да се употребуваат од Албанците“. И тој подвлекува дека одлуката за две азбуки била донесена поради големиот притисок што се вршел врз комисијата, со телеграми од север и од југ, секој си ја потежирал сопствената азбука. Притоа, го цитира искажувањето на Ѓерѓ Д. Ќиријази, кој ќе ги пренесе тогашните стравувања на Конгресот. Според него, ако се игнорирало кое било од тие две барања, ќе имало големи пречки во развојот на албанскиот народ, бидејќи и двете азбуки биле употребувани во училиштата. Таквата одлука била прифатена од сите делегати кои се потпишале и дале беса дека ќе ја спроведат.

Според Абдули, иако Конгресот не ја постигнал целта за прифаќање една единствена албанска азбука, неговата одлука во тогашни услови, сепак, претставувала голема победа за албанската култура и образование и воопшто за албанското ослободително движење, зашто се ставило крај на употребата и составувањето на многу азбуки. „Оваа одлука, исто така, овозможувала еден заеднички развој на националното образование на албански јазик и литература и меѓусебна комуникација. Така, една книга или писмо објавени на југот можеле да се читаат на северот и обратно. Покрај ова, Битолскиот конгрес дал голем придонес за поттикнување на заедничката свест кај Албанците - муслимани и христијани за заедничко наследство. Одлуката, исто така, имала големо значење во зацврстувањето на националното единство кај Албанците“, оценува Абдули.

Германскиот албанолог Петер Бартл вели дека со Конгресот во Битола не се решиле сите проблеми околу албанската азбука. Младотурците започнале да вршат пропаганда Албанците да ја прифатат арапската азбука што се користела во Империјата. Во прилог на тоа им одел и фактот што еден дел од муслиманските свештеници во Скадар и во Косово не ги прифатиле одлуките на Конгресот. За конзервативното свештенство писмото на Куранот било единствено писмо што можело да ги задоволи муслиманите, додека латиницата ја сметале за изум на неверниците. Прашањето на азбуката бил предмет на расправи, протесни телеграми и собири се' до прогласувањето на независноста на Албанија во 1912 година.

Д-р Катерина Тодороска подвлекува дека искуствата со печатењето книги и весници на двете азбуки покажале дека народот полесно ја користел латиницата и токму поради тоа од привремената влада на Исмаил Ќемали била прифатена латинската азбука. Од 1972 година е воведен единствен албански книжевен јазик, ��ормиран врз основа на тоскискиот дијалект, кој денес го користат и Албанците во Косово, во Македонија и во Црна Гора.

Кога се зборува за Конгресот за албанската азбука, се поставува прашањето, зошто тој се одржал во Битола, каде што мнозинството од населението било македонско, а не, на пример, во град каде што живееле Албанци, нешто што денес некои албански националисти го користат како аргумент за да тврдат дека Битола, Скопје и некои други македонски градови некогаш биле албански.

Д-р Тодороска објаснува дека во Битола, како и во многу други градови на Османлиската Империја, како што биле Истанбул, Софија, Солун, Каиро и други имало албански колонии кои имале свои друштва. Битолското друштво било едно од најактивните и токму тоа ја повело иницијативата за одржување на Конгресот за јазикот, предлагајќи тоа да биде домаќин на делегатите. Меѓутоа, причините не треба да се бараат само во неговата голема активност и подготвеност да биде домаќин на собирот. Постоела и друга причина зошто тогашната албанска интелектуална елита се собрала во овој македонски град да решава за азбуката. Некои од нив сакале да му покажат на светот дека Битола е албански град.

Тоа најдобро може да се заклучи од едно писмо на писателот Луиѓ Гуракуќи, кој подоцна ќе стане министер за просвета во привремената влада на Исмаил Ќемали по прогласувањето на независноста на Албанија, а ќе биде ликвидиран во 1925 година од кралот Зогу. Ова писмо што Гуракуќи ќе му го испрати на еден свој пријател, д-р Тодороска го цитира во својата книга за албанско-македонски односи. Според него, Конгресот требало да се одржи во Елбасан, но бидејќи во Битола ги извршиле сите подготовки, не било добро да се противат. „Натаму постои уште една друга причина: одржувајќи го состанокот за азбуката во Битола ќе и' кажеме на Европа дека Битола е наш град, а не на Бугарите, како што мисли целиот свет. Те молам, затоа, потруди се да најдеш сила за да не излезат други проблеми; во спротивно, албанскиот јазик целосно ќе се изгуби токму онака како што сакаат нашите непријатели и оние што бараат да го пишуваме албанскиот јазик со арапски букви, работа што сама по себе, се разбира, се случи“, стои во писмото на Гуракуќи.


#
Статијата е прочитана 1490 пати.

Испрати коментар

Од: nacional-patriot
Датум: 02.12.2009 03:00:11
Mnogu im bilo tesko da sozdadat edna azbuka,pa prifatile dve,zatoa sto gegskiot jazik i toskiskiot jazik se slicni no razlicni.Tie ne se dijalekti.
Од: gagi
Датум: 02.12.2009 03:30:13
deka bitola e makedonski grad sega toa e tocno no deka bil toa samo tie sto ne se od bitola mozat da tropat prazna slama. 80% od makedoncite vo bitola se ili od mariovo ili od selata od pelagonija, po so nie bitolcani gi vikame "doshlaci" i koga zaminale turcite od bitola imalo 32, da, da 32 aktivni djamii, sekoja godina od togas vo golem broj se iseluvale ta turci ta albanci site vo stambol se do pocetokot na '70-tite
Од: Tashko
Датум: 02.12.2009 07:02:37
Bitola sepak bil konzulski grad i normalno da im se p[okazi na Evropskata burzoazija , (a ja imalo i ke ja ima vo Bitola) deka Albancite sakaat da kreiraat nivna Azbuka a potoa i Drzava a ne bilo da se pokazi deka Bitola bil necij grad, zatoa se napravi ogromna greska vo 1945 sto Bitola ne e postaven za glaven grad na Makedonija a Skopje e postaven zatoa sto ke im bidi poblisku na Belgrad. Da se nadevame deka Bitola ke bidi glaven grad na Obedineta Makedonija.
Од: Skenderbeg
Датум: 02.12.2009 16:02:25
Национал патриоте, постои ли Македонско дело напишано пред 1945 година, со македонски есперанто, македонска граматика со македонски ново креирани букви? Албанскиот јазик е еден, и во минатото трпеле влијание, јужните од Грците, северните од Славјаните и Латините. Дијалектите се тие, Гега и Тоска. Исто како што Битолчанец не може да се разбере со Неготинчанец, сличен е сличајот со Гегите и Тоските. Сепак пред 1945 година, не постои дело МАКЕДОНСКО напишано на МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, пошто дотогаш се сметал како Бугарски. Луиѓ Гуракучи, Битола го нарекува град на Бугарите... Не со национал патриотизми, оти ќе треба да се прогласуваш за Бугарин.
Од: Dragi
Датум: 02.12.2009 19:36:11
Господине Цветановски, во 1908 година албанците немале држава за да би имале емиграција.Малку ми е чуден терминот емиграција.Цитарам : "најактивните клубови што Албанците ги имале формирано во повеќе емигрантски колонии на Османлиската Империја." Дури во 1913 година не е јасно дефинирана албанската самостојност.

Најди! во Утрински
Насловна
Зденко
Изборни бањи
ЕПП - битка за македонското прашање
Холандија ќе не' спасува со вакцини
Исправена неправда
Баросо чека добра вест од Груевски
Економски патриоти и предавници
„Златната топка“ за волшебникот Меси
Долгови се трупаат - државата пак се задолжи со нови 52 милиона евра
Невообичаени жртви
Трагедија во Слатино, Охридско - со камења ја отепал мајка си