„Златната топка“ за волшебникот Меси
Играчот на Барселона е првиот Аргентинец што ја доби престижната награда на „Франс фудбал“
Лионел Меси, ѕвездата на Барселона, е првиот аргентински фудбалер што ја доби „Златната топка“ на „Франс фудбал“ за играч на годината.
Во изборот учествуваа 96 новинари од целиот свет, кои бираа по пет најдобри фудбалери во својот избор. Од максималните 480 бода Меси освои 473 и така најубедливо досега ја однесе престижната награда.
„Ова е голема чест за мене. Навистина сум горд и наградава многу ми значи. Можеби и повеќе отколку било кој друг што мисли. Дефинитивно овој трофеј го заслужи некој од Барселона. Владеевме минатата сезона, а мене ми е драго што новинарите ме избраа. Сега погордо можам да продолжам со својата кариера“, изјави Меси, кој пред две години во овој избор го освои третото место (зад Кака и Роналдо), додека минатата година му гледаше во грб само на Роналдо. Сега дојде неговото време.
Да, потестиме оваа награда долго време се однесуваше само на европските фудбалери, па така легендарниот Аргентинец Диего Марадона ја нема добиено. Но од 1995 година во изборот се вклучени и неевропските фудбалери што играат во Европа.
Зад Меси во годинашниот избор заврши Кристијано Роналдо (233 бода), додека трет беше шпанскиот играч од средниот ред на Барселона Чави (170). Зад него е уште еден фудбалер на Барса, Иниеста, кој со голот на „Стемфорд Бриџ“ ги одведе Каталонците во финалето од ЛШ (победа над Јунајтед во Рим). Топ 5 листата ја заокружи Самуел Ето, оценет за играта во Барселона минатата година. Сега, како што е познато, го предводи нападот на Интер.
Конечен пласман, Златна топка
1. Меси (Барселона) 473 бода
2. Роналдо (Реал М. ) 233
3. Чави (Барселона) 170
4. Иниеста (Барселона) 149
5. Ето (Интер) 75
6. Кака (Реал М) 58
7. Ибрахимовиќ (Барселона) 50
8. Руни (Јунајтед) 35
9. Дрогба (Брегот Слонова Коска) 33
10. Џерар (Ливерпул) 32 |