Хроника
Трагедија во Слатино, Охридско - со камења ја отепал мајка си
Спасе Митрески имал одлежано девет години затвор поради убиство на роднина
Симон Илиевски
Грозоморно убиство ги потресе жителите на охридското село Слатино. Триесет и седумгодишен маж до смрт ја каменуваше мајка си. Кога малолетниот син на осомничениот убиец видел дека татко му ја каменува баба си, побарал помош од соседите, но веќе било доцна. Полицијата набргу го привела осомничениот, кому истражен судија му одреди едномесечен притвор. Од полицијата велат дека при распитот осомничениот убиец целосно го признал делото и не сакал адвокат. Станува збор за поранешен затвореник, кој одлежал речиси девет години затвор поради убиство на роднина, кој воедно му бил и сосед. Зошто ја убил мајка си - се' уште се утврдува. Првично се зборува дека семејните односи меѓу мајката и синот биле одамна нарушени.
Злосторството во селото Слатино што се наоѓа 40-ина километри од Охрид се случи завчеравечер околу 20 часот, кога Спасе Митрески (37) со неколку удари со камен ја убил неговата 72-годишна мајка Милева Митреска. Убиството се случило на патот до семејната куќа, а малолетниот син на Спасе кога видел дека таткото ја удира неговата баба, побарал помош од соседите, но кога тие пристигнале Милева била мртва.
„По повикот за помош од детето на Спасе, притрчавме да помогнеме, но беше доцна. Милева лежеше мртва во локва крв, а Спасе стоеше на скалите и не даваше отпор ниту со некого разговараше. Сликата беше потресна и ние соселаните долго ќе ја паметиме. Настанот го потресе цело село и Господ да не даде да има сличен случај“, раскажува соседот Милан Попоски. Тој вели дека на секои десетина години во селото се случува голема трагедија.
На местото на убиството брзо пристигнала полицијата која извршила увид и го привела убиецот Спасе Митрески, кој не давал отпор. Против него е поднесена кривична пријава, а му е одреден триесетдневен притвор.
Неофицијално, Митрески бил под дејство на алкохол, а од полицијата велат дека тој и порано бил сторител на кривични дела, поради што бил и в затвор. Соселаните велат дека по издржувањето на казната се смирил и почнал да се занимава со сточарство. Во с��лото се зборува дека откако заминал в затвор, тој се развел од сопругата, а повремено се гледал со неговиот малолетен син кој постојано живеел со тетка си. Селаните велат дека момчето се обидело да го запре татка си да ја убие баба му со нож, но Митре потоа ја убил со неколку удари со камен, а потоа го влечкал телото до патот во близина на куќата.
Во МВР соопштуваат дека Митрески претходното убиство го извршил во 1996 година кога го усмртил својот сосед и роднина Трајан Митрески. Во битолскиот суд бил осуден на 13 години затвор.
„Но, со примена на Закон за амнестија во два наврата казната затвор му е амнестирана за вкупно 3 години, 7 месеци и 18 дена. Покрај тоа, со Одлука за помилување на осудени лица по повод 2 Август 2002 година, казната му е намалена за дополнителни шест месеци“, велат од МВР. Митрески ја одлежал казната затвор од февруари 1996 година до јануари 2005 година. |