Сцена
Вечниот бунтовник, конечно, се смири
Малколм Мекларен, бившиот менаџер на „Секс пистолс“ и човекот кому му се препишува откривањето на панкот, замина во легендите
Бојан Шашевски
Пред три седмици во 64. година од животот, по тешка борба со канцерот, замина Малколм Мекларен, ексменаџер на „Секс пистолс“ и човек што цел свој живот и' го посвети на музиката и на слободниот уметнички израз, менаџирајќи бендови, продуцирајќи сопствени плочи, учествувајќи и организирајќи различни манифестации. Мекларен претставуваше културен катализатор и илустрација на панк- феноменот. Неговиот живот, сам по себе, е енигма, но за многумина претставува и инспирација, мотив, влијание што се пренесува врз повеќе генерации.
Малколм Роберт Ендру Мекларен пораснал со својата баба, откако татко му го напуштил на двегодишна возраст. Мајка му се премажила, а Малколм поради несогласувања со очувот решил да си замине од домот уште како тинејџер. Во неколку наврати го бркале од повеќе уметнички колеџи, а во меѓувреме решил да се инволвира во радикалната група „Кинг моб“, што се залагала за пролетерска социјална револуција, црпејќи идеи и од марксизмот и од уличната авангарда.
Во почетокот на 70-тите години од минатиот век, по запознавањето со модната креаторка Вивиен Вествуд, со која има и син, Малколм решава да отвори бутик во Лондон, нарекувајќи го „Лет ит рок“, своевремено познат и како „Секс“. Двојката почнала да продава сосема необични дизајни, стилистички непознати за овој временски период, црпејќи инспирација од мотористи, фетиш-уживатели и проститутки. Апсурдно и интересно е што во продавницата се наоѓаше „панкерска“ облека уште и пред самата појава на панкот, а луѓето и музичарите што доаѓаа да купат некое парче сведочат за тенденциозното туркање на границите на модните трендови, поставувајќи нови, сопствени граници.
На патувањето за Њујорк Малколм го запозна бендот „Њујорк долс“, на ��ој никогаш не му беше вистински менаџер, туку повеќе визионер за настапите и за нивниот изглед на сцената. Некои критичари го сметаат како виновник за нивната кратка музичка кариера, откако на едно концертно шоу им наметна облека со мотив од Советскиот Сојуз, убедувајќи ги дека со српот и чеканот ќе изгледаат убедливо и многу провокативно.
Можеби најголемата историска заслуга на Мекларен, всушност, е неговото соединување и менаџирање на „Д Стрендс“, подоцна познати како „Секс пистолс“, состав што несомнено претставува еден од главните виновници за масовната експлозија и експанзија на подоцнежниот панк-рок. Оваа група од маргинално талентирани момчиња стана еден вид „панк бренд бенд“ во доцните седумдесетти и осумдесетти години, инфицирајќи ја британската музика со импулсивниот израз, дејствувајќи истовремено и на широко распространетата и помалку информираната публика во САД и во Европа. Секако, нивното постоење беше сублимат, односно креација инспирирана од бендови 1970-тите години како „Стуџис“ и „Рамонс“, но краткотрајното тригодишно музицирање од 1975 до 1978 година се' уште е тема на дискусија како на младите генерации што допрва се запознаваат со историјата на панк-рок музиката, така и на искусните познавачи и вљубеници во гитарските звуци. Можеби „Секс пистолс“ најмногу го навлекоа вниманието на себе (а со тоа и гневот од целата политичко-морална ситуација од таа ера) со повикувањето на анархија во Британија, наспроти „фашистичкиот“ режим на кралицата. Симболиката на „Секс пистолс“ е енормна и, сама по себе, неверојатна, а раната смрт на контроверзниот басист Сид Вишис додава шмек за приказните и за проекциите за панк движењето од тој период, притоа претставувајќи безвременски мост за визијата на панк револуцијата на идните генерации. Петнаесетина години откако Мекларен ја прекина соработката со групата, на задоволство на многубројни фанови околу светот, останатите членови од бендот повторно се соединија, се' уште одржуваат концерти и ги реиздаваат своите легендарни теми.
Малколм низ годините го предводеше и бендот „Bow Wow Wow“, а низ својата долгогодишна музичка соло-кариера, остави белег на повеќе мултижанровски албуми.
Првиот самостоен албум „Duck Rock“ го објави во 1983 година, а најголемите хитови во кариерата ги имаше со песните „Buffalo Gals“, „Double Dutch“ и „Madame Butterfly“.
Не се плашеше да експериментира, стилски варирајќи и издавајќи парчиња музика, што имаше примеси на рок, хип-хоп, електроника, џез, па дури и основа на опера. Беше инволвиран и во различни филмови, телевизиски проекти и јавни артистички перформанси.
Иако во 2000 година се рашири веста за неговата кампања за градоначалник на Лондон, со што би ја легализирал проституцијата, продавањето алкохол во библиотеките, легалното производство на марихуана, лотарија водена од бездомниците за подигнување нови установи и евтино образование, евидентна е антиполитичката димензија на Мекларен. Тој, всушност, повикуваше на протест поради британските закони и социјални неправди, односно, како што изјави и самиот: „Јавниот протест е она што на крајот од 1970-тите години медиумите го опишуваа како панк-рок“.
Околу Мекларен постојано се плетеа различни приказни за неговиот карактер, природа и за работите што му поминуваа низ главата. Карактеристична за него е детската палавост, љубовта кон приказните, драмата на пиратите, хероите, владетелите и на робовите. Партнерката од подоцнежниот живот, Јанг Ким, сведочи за неговите долги разговори додека спиел, презентирајќи се себеси како петгодишно дете што бара некаква правда. Ова само ја покажува детската палавост, наивноста, но, исто така, и младешката креативност и вечната борба со авторитетите уште од најрана возраст. Своевидната асексуалност, пак, што можеби потекнува од желбата на баба му да го облекува во женска облека, се рефлектираше врз чудниот интерес да продава фетиш-опрема, да ја избере 14-годишната Анабела Лвин да позира гола за обвивката на албумот „Bow Wow Wow“ или, пак, непретенциозното играње со тинејџерките на видеото „Дабл дач“. Но, овој квалитет го направи имун на каква било сугестија од околината, а сите негови дела за многумина станаа непоимлива комбинација меѓу енергијата што ја презентираше, животната „брутална“ сензуалност и дозата на духовитост, правејќи го перфекционист, сестран уметник и музички револуционер.
Неговата бунтовност и желба за ослободување од глобалната политичката надмоќ е присутна и по неговата смрт. Последните зборови на Малком во постелата беа „Слобода за Леонард Пелтиер“, американски активист, кој се' уште е в затвор, по долгогодишната борба со властите во САД, поддржуван низ цел свет како „затвореник на политиката“. |