Грчката криза ќе не' чини 100 милиони евра
Владата ќе се штити од грчката криза со дисциплиниранa фискалната политика
Соња Маџовска Александрија Стевковска
Грчката криза ќе ја чини Македонија над 100 милиони евра прилив годинава. Ова го тврди пратеникот Стојан Андов, добар познавач на економските состојби. Според него, тоа што Владата не сака или не знае навреме да ги согледа проблемите може скапо да го плаќаме сите. Бизнисмените и експертите укажуваат дека најголемиот удар ќе биде во трговијата и во услугите.
Бизнисот почна поотворено да кажува дека поради случувањата во Грција се откажуваат зделки, некои најавени проширувања на инвестициите се стопирани, а парите од добивката на грчките фирми што работат во Македонија, место да се реинвестираат кај нас, се повлекуваат во нивната матична земја.
„Грчката криза во Македонија сериозно ќе се одрази врз тековните трансакции, односно во трговијата и во услугите. Ќе ослабне платежната моќ на грчките фирми што работат во земјава. Тие нема да можат да ги намируваат долговите, а ќе има и откажување на зделки. На годишно ниво може да се очекува да има 100 милиони евра намален девизен прилив. Ќе дојде и до намалување на буџетските приливи. Некои сега се радуваат, но несреќата на соседот носи несреќа и кај оној што е до него“, вели Андов.
Можното пополнување на буџетската дупка преку задолжување со еврообврзница, за Андов би бил несериозен потег на Владата.
„Владата ќе бара пари низ светот за исплата на плати и на пензии, место да ги скрати непродуктивните трошоци. Немаме потреба од вакви зајмувања. Не смееме да се задолжуваме, на крај секој ќе си го плати ручекот. Не е точно дека земјава е излезена од рецесија, напротив општата економска состојба се влошува. А сега дополнително тука е и грчката криза. Кризата во Грција не ја направивме ние, но ќе ја делиме со нашиот јужен сосед. А Владата не сака или, пак, не е во состојба да ги види проблемите. Таа не е дорасната за на��реме да ги согледа проблемите и да ги реши. Како мали деца се однесуваат“, вели Андов. Тој верува дека ќе се смири падот на вредноста на еврото, но дека, сепак, тоа ќе зависи од тековните процеси, дел во Грција, дел во Европската унија.
Андов смета дека банкарскиот систем во земјава е стабилен, но оти граѓаните се презадолжени. А поради тоа што фирмите се во многу слаба позиција, банките и натаму, главно, своите производи им ги нудат на граѓаните.
Само пред неколку дена првиот човек на Стопанска банка, Глигор Бишев, во интервју за „Утрински весник“ изјави дека не е ниту теоретски ниту практично можно Националната банка на Грција да повлекува пари од Стопанска. „Ефектите од економската криза во Грција ќе ја погодат и Стопанска банка во ист обем колку и останатите економски субјекти, чии акционери се или не се правни или физички лица што произлегуваат од Грција. Акционерскиот капитал по ниедна основа не може да се повлече од ниедно правно лице, вклучувајќи ја и СБ“, изјави неодамна Бишев.
Според поранешниот министер за финансии Трајко Славески, Грција веќе не е проблем сама за себе, туку за цела еврозона, бидејќи со себе надолу ги повлекува и сите останати економии. „Први на удар се најдоа Шпанија и Португалија. Европа сега се обидува да и' помогне на Грција, но помошта е веќе задоцнета. Што се однесува до влијанието на таа криза врз Македонија, не очекувам банкарскиот и корпоративниот сектор да го почувствуваат нејзиното непосредно влијание, но посредното влијание ќе го почувствува севкупната наша економија. Ова потсетува на ситуацијата во 2008 година, кога пропаднаа ’Леман брадерс‘ и светската економија западна во криза. Ништо чудно работите повторно да тргнат во таа насока и нас да не' повлечат надолу“, смета Славески. Според него, посебен проблем може да се јави при најавеното задолжување на земјава со издавање на новата еврообврзница, што може да биде издадена во неповолни услови, со повисока цена што ќе треба земјава да ја плати. „Реална опасност е и да нема интерес за неа. Освен во задолжувањето грчката криза може неповолно да влијае и врз реалната економија во земјава, бидејќи Грција е наш деловен партнер, со кој нашите фирми досега успешно соработуваа. Грчката криза воопшто не е среќна околност за Македонија, бидејќи нашиот јужен сосед, исто така, е и значаен инвеститор во земјава“, вели Славески.
Според бизнис-заедницата, логично е дека падот на вредноста на еврото со себе ќе повлече негативни последици и за извозниците, бидејќи тие ќе мора да ги продаваат производите по цена што е наведена во потпишаните договори. „Тоа значи дека добивката ќе им се намали, а ќе имаат повисоки трошоци на производство, бидејќи суровините ќе поскапат. Директни последици во делот на извозот нема да имаме, зашто ние не извезуваме во Грција, но последиците ќе се почувствуваат во увозот на некои суровини. Тоа стопанствениците ги става во позиција да мора да се адаптираат на условите и да побараат добавувачи на материјали во други земји“, вели Митко Алеков, извршен директор на ССК.
Министерот за финансии Зоран Ставрески очекува најголем дел од грчките инвеститори да го задржат бизнисот во Македонија. „За жал, има малку работи што можеме да ги направиме, освен да продолжиме со дисциплинирано водење на фискалната политика и остварување добри макроекономски показатели како и досега, со цел да покажеме дека има разлика, односно Македонија, според условите за бизнис и според висината на буџетскиот дефицит и на БДП, претставува стабилна економија што се разликува од другите земји и нема проблем со надворешната задолженост“, изјави вчера Ставрески. Според него, кризата во Грција прераснува во европска. „Со намалувањето на кредитниот рејтинг од страна на ’Стандард и Пурс‘ за Грција, Португалија и за Шпанија кризата практично се проширува и станува прашање за економскиот раст на еврозоната, односно како еврозоната ќе се справи со прашањето на се' поголемиот растечки долг на неколку свои членки. Перцепцијата на инвеститорите за Грција, но и за целиот регион, автоматски се влошува и тоа, секако, не може да е позитивно за Македонија“, укажа Ставрески. |