Јубилеј
Пет години „Авон“ во Македонија
Во стилот на агентот 007, алијас Џемс Бонд, Сашко Коцев ја започна прославата на 5 години работа на козметичката компанија „Авон“ во Македонија, во средата (28 април), во фоајето на МОБ. За прославата да биде во стил на холивудски гламур и дуализмот на заводници и вамп-девојки се погрижи и партнерката на Сашко, неговата колешка, Јелена Јовановска. Тие двајцата, придружувани од неколку танчерки, се вклопија во атмосферата на музиката на легендарниот шармер Френк Синатра, со цел да се истакне убавината, женственоста и елеганцијата на жената што се труди да ја изгради и да ја потенцира „Авон“.
Покрај основната дејност за продажба на козметички производи и модни додатоци, „Авон“ е поддржувач и на активности, како едукативната кампања за борба против ракот на дојката, еколошката кампања за пошумување на атлантските прашуми и кампањата против домашно насилство. Со цел достојно да ги одбележи своите 5 години во Македонија, „Авон“ на сите гости на роденденот им подари садници со македонски даб. Тие се придружуваат на акцијата за пошумување на Македонија, па најавуваат акција на засадување садници со македонски даб, на 7 мај, на падините на Водно, кај месноста Марково Крувче - Долг Рид. |